Американскиот актер Џорџ Клуни е еден од оние пријатели што секој сака да ги има покрај себе. Имено, во едно интервју кое неодамна го даде за престижниот магазин „ЏејКју“, тој откри дека ги изненадил своите најблиски пријатели пред точно седум години.
Оскаровецот во 2013 година дошол до одлична идеја како да им се оддолжи на луѓето кои му помагале во текот на целиот живот и биле тука за него додека „се искачувал по sвездената патека“.
Клуни ги потврди гласините дека им дал по милион долари на секој од своите 14 пријатели пред седум години.
– Само што помислив дека ако ме удри автобус, тие ќе бидат во мојот тестамент. Па, зошто тогаш да чекам да ме удри автобус? – рекол тој за списанието „ЏејКју“ и за изданието „Маж на годината“.
Оваа информација е позната уште од пред неколку години, кога пријателот на Клуни, Ранде Гребер, јавно го пофали. Тој откри дека една вечер Џорџ ги поканил своите пријатели на вечера и ги изненадил со подарок, од по милион долари, кој му го дал на секој.
Актерот рекол дека тоа било еден мал гест на внимание за да им се заблагодари на своите долгогодишни пријатели за сè.
– И си помислив, сè што имам се овие момци кои ми помагаа на овој или оној начин во текот на 35 години – рекол Клуни и додал:
„Спиев на нивните каучи кога немав пари, ми позајмуваа пари кога немав ниту цент. Тие ми помагаа кога ми требаше помош со текот на годините. И помислив дека без нив нема да имам ништо од ова.“
Во интервјуто, Клуни зборувал и за својот брак со адвокатката за човекови права Амал Клуни и за нивните тригодишни близнаци.