ЃОРЃИЕВСКИ ВЕТИ РЕШАВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС За шест месеци ќе биде пуштен мостот на Љубљанска

Кандидатот за градоначалник на Скопје вети решавање на мостот на Љубљанска и изградба на мега парк кај Лепенец

229

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски од Карпош порача дека со поддршка од Владата ќе се зафатат со решавање на најгорливите сообраќајни проблеми во главниот град. Како приоритети ги истакна доизградбата на клучката Момин Поток и мостот на Љубљанска, кои, според него, ќе го растеретат метежот во сообраќајот и ќе придонесат за подобра поврзаност на градот.

– Мене добро ме познавате како четиригодишен градоначалник на општина Кисела Вода и знаете колку силно се борев за моите сограѓани, дали станува збор за хигиената, парковите, борбата против бетонизацијата или реализацијата на проекти. Општината ја начекав руинирана, како што е денес Градот Скопје, но со поддршка од премиерот успеавме да ја изградиме во една од најуспешните општини во државата. Истото ќе го направиме и со градот – изјави Ѓорѓиевски.






Тој најави дека доколку ја добие довербата на граѓаните, мостот на Љубљанска улица ќе биде пуштен во употреба најдоцна шест месеци по неговото назначување, а ќе се забрза и реализацијата на проектот за клучката кај Момин Поток.

– Сакам да ветам пред сите вас дека мостот на Љубљанска конечно ќе биде ставен во функција за шест месеци откако ќе станам градоначалник. Ќе го решиме тоа сообраќајно тесно грло, а веднаш потоа ќе се зафатиме и со клучката кај Момин Поток, која мора да се доврши. Тоа ќе го деблокира целиот северозападен дел на градот – потенцира Ѓорѓиевски.

Меѓу најавените проекти, Ѓорѓиевски посочи и изградба на мега парк кај реката Лепенец, простор каде што, како што рече, сите карпошани ќе можат да се рекреираат со своите семејства.

– Во првите шест месеци ќе започнеме со изградба на мега паркот кај Лепенец. Покрај тоа, постоечките паркинзи ќе бидат целосно реорганизирани, ќе се воведе зонско паркирање и ќе поставиме нови монтажни гаражи за да се стави ред во паркирањето – изјави кандидатот за градоначалник на Скопје.

Поврзани содржини