📽️ ЃОРЃИЕВСКИ РУШИ СÈ ШТО ГО УЗУРПИРА ЈАВНИОТ ПРОСТОР Градоначалникот ги повика скопјани да пријавуваат дивоградби
Градоначалникот повикува граѓаните да пријавуваат узурпирани простори, „тротоарите и јавните површини им припаѓаат на сите“.
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави на својата Фејсбук-страница дека започнува масовна акција за отстранување на бесправно изградените објекти ширум градот. Во видеото објавено како дел од соопштението, се гледа како екипи и возила се подготвуваат за интервенција — демонтажи, чистење и обновување на јавни површини.
– Ги отстрануваме бесправно изградените објекти, нема повеќе узурпација! – вели Ѓорѓиевски.
Тој нагласува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори „припаѓаат на граѓаните“ и дека нема да има компромис кога станува збор за узурпации кои го попречуваат јавниот ред, движењето и безбедноста на сограѓаните.
Според него, акцијата се спроведува во „тесна соработка со сите општини“ од Скопје и ќе продолжи со „силно темпо“.
– Ова е процес во кој сите сме партнери – порача градоначалникот, повикувајќи ги граѓаните да се вклучат, да пријавуваат дивоградби и узурпирани простори, и заедно да направат град „во кој владее ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.“
Оваа најнова иницијатива се надоврзува на неговото ветување од самиот почеток на мандатот, веднаш по преземањето на функцијата, тој најави темелно „чистење“ на градот, со акцент на јавните простори, инфраструктурата и функционалноста за сите граѓани.