ЃОРЃИЕВСКИ ПОСТАВИ НОВИ ДИРЕКТОРИ Еве кој ќе раководи со четирите најважни претпријатија на Град Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва објави дека четири јавни претпријатија добиваат нови директори, потег со кој, како што најави, започнува реорганизацијата на градските служби.

715

Големи кадровски промени во Град Скопје. Четирите најважни јавни претпријатија ќе добијат нови вршители на должноста директори, соопшти вечерва градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

На чело на ЈП „Улици и патишта“ ќе застане Борис Настов, кој ја извршуваше истата функција на почетокот од мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Во „Водовод и канализација“ нов директор ќе биде Иван Митровски, досегашен заменик-градоначалник на општина Кисела Вода.






Ѓорѓиевски најави дека во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП Скопје) ќе биде назначен Саше, вработен со долги години искуство во ова претпријатие. Во „Комунална хигиена“ пак, функцијата ќе ја преземе Драги, човек кој долги години работел во комуналниот сектор на Град Скопје и, како што истакна градоначалникот, „се покажа исклучително добро за време на акцијата ‘72 часа‘“.

– Во „Комунална хигиена“ ќе биде поставен човек кој не е партиски експониран, туку професионалец што ја познава работата. Во ЈСП пак, ќе дојде човек кој со години е дел од системот и ги разбира процесите – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека не планира приватизација на јавните претпријатија, демантирајќи ги гласините што кружат во јавноста. Наместо тоа, најави дека ќе се работи на јакнење на капацитетите и самоодржливост на градските служби.

– Сметките за граѓаните нема да поскапат. Тоа го ветив во кампањата и стојам зад тоа – порача Ѓорѓиевски.

Со новите поставувања, градоначалникот најави почеток на процес на стабилизирање на јавните претпријатија и создавање услови за поефикасно работење на сервисите од кои зависи секојдневниот живот во главниот град.

Поврзани содржини