ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ КАТНА ГАРАЖА НА МАТКА Локалитетот ќе се осветли, а главната улица ќе се реконструира

Кандидатот за градоначалник на Скопје вели дека со изградбата на монтажен паркинг кај туристичкиот локалитет Матка  ќе се овозможи подобра пристапност и уредено паркирање за домашните и странските посетители.

290

Сарај ќе добие монтажен паркинг кај туристичкиот локалитет Матка, осветлување, реконструкција на главната улица и уште многу други проекти, најави денеска кандидатот за градоначалник на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.

– Денес сум помеѓу мојот народ во едно од најубавите места не само во Скопје и Македонија, туку и во целиот свет, Сарај и Матка. Оваа општина нема повеќе да биде заборавена. Ќе ги вложиме сите сили за нејзино целосно заживување и развој вели по пост на Фејсбук Ѓорѓиевски.






Според него, со изградбата на монтажен паркинг кај туристичкиот локалитет Матка  ќе се овозможи подобра пристапност и уредено паркирање за домашните и странските посетители.

-Така го намалуваме хаосот и притисокот врз природната средина, овозможуваме контролирано управување со туристичкиот прилив и создавање на услови за одржлив развој на туризмот во еден од највредните природни бисери на Скопје. Во мојата програма предвидено е и целосно реконструирање на главната улица, со што ќе се обезбеди побезбеден, поквалитетен и современ сообраќај. Ќе ја направиме улицата побезбедна и за пешаците и за возилата, со нови тротоари, сигнализација и осветлување, затоа што Сарај заслужува модерна инфраструктура, каква што имаат сите развиени општини. Во план е и изградба на канализациона мрежа во Долна Матка, проект кој е од суштинско значење за здравјето на жителите и за заштита на реката и природната околина. Посебно внимание посветуваме и на осветлувањето на Горна Матка, проект кој директно ќе ја зголеми безбедноста, пристапноста и квалитетот на живот и за жителите и за туристите – вели Ѓорѓиевски.

Во рамки на неговата посета тој остварил средба и со риболовните друштва од Скопје.

-Тие се вистински чувари на реките, луѓе кои со љубов и посветеност се грижат за природата и спортот.
На реката се одржуваат бројни натпревари, а токму нивната поддршка и искуство се непроценливи во развојот на риболовниот туризам и заштитата на нашите води. Затоа, заштитата и темелното чистење на речното корито ќе биде еден од моите приоритети. Заедно со народот и со силна визија, Сарај ќе прерасне во гордост на Скопје, а Матка ќе стане пример за одржлив туризам и вистинско место за уживање и живот – вели Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини