ЃОРЃИЕВСКИ ЌЕ ДЕЛУВА КАКО ДА Е ДИРЕКТОР НА СЕКОЕ ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ Стои зад иницијативата да има отповик на градоначалник
Јас сум адресата што ќе биде одговорна пред граѓаните во наредните 4 години, нагласи Ѓорѓиевски.
Новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека ќе делува како тој да е директор на секое јавно претпријатие и дека негова ќе биде одговорноста во врска со работењето на претпријатијата.
– Мојот стил на дејствување ќе биде како практично јас да сум директор на секое јавно претпријатие. Јас нема да вперувам прст во некого и нема да барам изговор во нечие нефункционирање и непостапување. Јас сум адресата што ќе биде одговорна пред граѓаните во наредните 4 години, нормално ако граѓаните сметаат дека добрo го водам градот. Ако сметаат дека не го водам добро градот она што јас го покренав како иницијатива, градоначалникот да биде отповикан од својата функција, апсолутно стојам зад тоа. Јас сум овде влезен да направам промени и да покажеме дека можеме нормално да функционираме и градот да биде метропола која нема да ги брка младите – рече Ѓорѓиевски на прашањето кога ќе почне да назначува нови директори на претпријатијата.
Тој најави дека ќе биде отворен за граѓаните и за медиумите.
– Дали ќе бидат назначени нови директори за 15 часа, за три или за пет дена тоа ќе го видиме попатно и навреме ќе ве известам. Јас нема да бидам затворен за медиумите и секогаш ќе бидам отворен за сите прашања. За сè ќе бидете навремено информирани – додаде Ѓорѓиевски.