Оптимистички пресметки на економистите: Карантин од две недели ќе ни спаси животи, а државата нема да пропадне!

Економските експерти, сепак веруваат дека македонската економија, односно буџетот може да го издржи ударот што би го предизвикало евентуално ставање под клуч на сите оние дејности кои го носат ризикот од ширење на вирусот, каде што има раздвиженост на луѓето и дека не треба да се прави фама дека Македонија не може да ги издржи рестриктивните мерки.

1,123

Здравствениот систем во Македонија е пред тотален колапс, а тоа излегува на виделина посебно во текот на последниве две недели, откако станавме држава со најголем број заразени од коронавирусот и починати на милион жители споредено со соседните држави, но и со европските.

Во една ваква тешка ситуација несфатливо за граѓаните, но и за здравствените работници кои работат под огромен притисок e зошто државата не воведува карантин по примерот на многу европски земји. Проценките на некои здравствени експерти се дека две недели карантин би имале значајно влијание за намалување на загрижувачките бројки на заразени и починати, но дали Македонија може да издржи вакви рестриктивни мерки на економски план е прашањето што го мачи финансискиот сектор.






Економските експерти, сепак, веруваат дека македонската економија, односно буџетот може да го издржи ударот што би го предизвикало евентуално ставање под клуч на сите оние дејности кои го носат ризикот од ширење на вирусот, каде што има раздвиженост на луѓето, со исклучок на неопходните производствени индустриски капацитети.

Професорот Трајко Славески за Плусинфо вели дека според некои пресметки ако целосно се затворат угостителските обjекти и некои услужни дејности, индустриите и така работат цело време откако почна пандемијата, по германскиот модел тоа би значело дека карантинот би нѐ чинел 11 милиони евра месечно. Буџетот, вели професорот Славески, може да го издржи тоа, особено ако попаметно се искористат средствата. Според професорот, бројката од 11 милиони евра месечно не се ни споредува со помошта дадена претходно од која само во еден пакет беа потрошени 27 милиони евра.

– Не треба да се прави фама дека Македонија не може да ги издржи рестриктивните мерки – вели Славески, или двонеделен карантин во една ситуација во која, како што истакнува професорот, македонските граѓани не можат да го остварат ни уставно загарантираното право на пристап до здравствена заштита.

Во битката на здравстевните власти со коронавирусот бевме сведоци на многу контрадикторности во чекорите што се преземаат, посебно во текот на ноември кога во болниците со ограничени ресурси и капацитети се отвораат ковид центри, наспроти признанието на министерот за здравство Венко Филипче дека имаме недостиг од здравствен кадар и дека лекарите се преморени и под силен притисок.

– Министерот за здравство Венко Фиипче постојано зборува дека има слободни кревети, но луѓето имаат кревети и дома. Тоа не е одговор на проблемот. Ние треба да бараме одговори на прашањето како стојат работите со капацитетите во интензивната нега и дали секој граѓанин кој има потреба од лекување има пристап до здравствените услуги, како што тоа го гарантира и пропишува членот 38 од Уставот. Никој не размислува дека е потребно да се направи баланс на здравствениот систем и на потребите на болните – вели професорот Славески.

Зоран Јовановски, економски експерт и главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора  на Македонија, вели дека при воведувањето на рестриктивни мерки не треба работите да се гледаат само праволински, затоа што има бизниси каде што не може да се случи прекин на производствениот процес. Тој смета дека клучот за излез од тешката ситуација предизвикана од пандемијата на коронавирусот треба да се бара во санкционирање на сите што ги прекршуваат пропишаните мерки, а државата да одговори на две, како што вели, тешки прашања во однос на пакетот економски мерки од чија суштина на кризата предизвикана од пандемијата може да се гледа и како на можност за носење одлуки за стратешко реструктурирање на економијата кои на прв поглед можат да бидат тешки, но исправни, долгорочно.

„Првото прашање е: Дали владата со своите интервентни мерки може да ги спаси сите? Или, да биде попрецизно прашањето, дали Владата треба да ги спасува сите? Да се потсетиме, во првите три месеци од 2020 година македонската економија имаше раст од само 0,2% во ситуација кога во истиот период Косово имаше економски раст од 1,3%, БиХ од 2%, Црна Гора од 2,7% и Србија од дури 5%. Проблемите беа присутни во македонската економија и пред почетокот на пандемијата, таа само побрзо ги изнесе на површина. Второто тешко прашање е: Ако мерките на Владата не можат да ги спасат сите, тогаш кој треба да биде спасен? Европската комисија, на пример, од предвидениот пакет од 750 милијарди евра јасно посочи дека 30% од тие средства се за проекти што се „пријателски расположени“ кон животната средина, а 20% се за дигитализација на европската економија. Кои се нашите приоритети? На пример, дали треба помошта да се насочи кон секторите, компаниите што имаат најголем потенцијал во наредниот период да ја повлечат напред економијата?“, напиша Јовановски во колумна за магазинот „Економија и бизнис“.

Според Јовановски, банките се тие што најдобро можат да ја оценат одржливоста на бизнис-моделите на своите клиенти бидејќи ги познаваат подолго време, а државата, преку значаен износ на државни гаранции во корист на банките, треба да преземе дел од кредитниот ризик и на тој начин да го олесни давањето кредити на компаниите од страна на банките.

– Дополнително, одговор на прашањето кој да биде спасен делумно може да понуди и индустриската политика на Владата и перцепцијата на Владата за тоа кои бизнис-сектори се од стратешка важност за македонската економија – смета Јовановски.

Во спротивно, додава тој, ако тешко позајмените пари од странство Владата ги потроши за спасување на делови од економијата што не се конкурентни и објективно немаат иднина, тогаш ефектите ќе бидат краткорочни и по некое време повторно ќе се судриме со истите проблеми.

– Единствено што ќе ни остане e долгот кој сите ќе треба да го враќаме. Притоа, да биде јасно и да нема недоумици, ова не значи дека Владата преку мерките на социјалната политика не треба да им помогне на граѓаните погодени од економските последици на пандемијата. Но, тоа е сосема друга работа, на индивидуално ниво, во постојнава ситуација да не се остави ниеден граѓанин без некаков приход исплатен од таму каде што работи или од државата – порачува Јовановски.

За најавите на високите функционери од власта дека државата ако треба повторно ќе се задолжи, Јовановски смета дека, тогаш треба да се позајмат пари на домашниот пазар.

– Тоа ќе може да го направи ако понуди слични услови на оние кога позајмува на странските финансиски пазари, дури и малку подобри услови за Владата. Задолжувањето во странство треба да се користи само за рециклирање на странски долг или за однапред проектно алоцирани средства за инфраструктурни проекти – пишува Јовановски.

 

Поврзани содржини