ОПШТИНИТЕ ГОДИШНО ГУБАТ ПО 100 ДО 120 МИЛИОНИ ЕВРА Перински ѝ порача на локалната власт да ја зголеми наплатата на даноците

Во моментов просекот на наплата од сопствени извори на финансирање од страна на локалните самоуправи е нешто повеќе од 50 проценти. Има градоначалници кои што 9-10 години немаат изадено ниту едно даночно решение. 

195

Општините на годишна основа губат од 100 до 120 милиони евра, поради несоодветно собирање на средствата од сопствените извори на финансирање, изјави денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе има целосна децентрализација на општините, особено во делот на финансиите. Тој напомена дека централната власт работи на процесот на дигитализарање на услугите на локално ниво, со цел да се зголеми и ефикасноста при наплатата, а со тоа и самото децентрализирањње.

– Едно е да зборуваме за децентрализација на надлежности, а друго е кога зборуваме за фискалната децентрализација. Како тема никогаш нема да ја затвориме. Процесот на фискална децентрализација има почеток, но нема крај. И секогаш треба да се разговара аргументирано со двете страни на власта, и на локално ниво и на централно ниво. Она што во моментот ние го имаме детерминирано како аномалија, тоа е дека во моментот просекот на наплата од сопствени извори на финансирање од страна на локалните самоуправи е нешто повеќе од 50 проценти. Или да бидам попрецизен. На годишна основа, општините губат од 100 до 120 милиони евра, затоа што несоодветно си ги собираат сопствените извори на финансирање – нагласи Перински по панел-дискусија по повод една година Влада, насловена „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“.






Вториот аспект, како што посочи Перински, е тоа што поради немање доволно финансиски потенцијал, општините не можат да ги извршат активностите во рамки на нивните надлежности, кои се резултат на поголемата децентрализација.

– Затоа ние секогаш како централна власт сме отворени да разговараме со општините, но од друга страна исто така и локалните самоуправи треба да го зголемат својот перформанс во наплатата на сопствени извори на финансирање. Што направивме ние во изминатиот период дектектирајќи ја оваа аномалија? Заедно со мојот колега Стефан Андоновски од Министерството за дигитална трансформација зедовме обврска да ги дигитализираме услугите од општините кон граѓаните и да ги закачиме на единствениот национален портал uslugi.gov.mk. Во втора фаза се внатрешните процеси во рамки на дневните активности на вработените и на администрацијата на локалната самоуправа – рече Перински.

Паралено со овие два процеса од централно ниво се ажурира базата на даночни обврзници на локално ниво, со цел општините да имаат ажурирана база на даночни обврзници и наплатата на данок да се врши по електронски пат. Со тоа, како што рече, „ќе се превенира субјективитетот на градоначалникот, кога и на кого ќе издадам даночно решение или кога и на кого нема да издадам даночно решение“.

Во моментов има примери на навистина успешни градоначалници, коишто собираат сто отсто од сопствените извори на финансирање, но има и градоначалници кои што девет, десет години немаат изадено ниту едно даночно решение.

Поврзани содржини