Општините ќе добиваат повисок процент од ДДВ и персоналниот данок од доход
Министерството за финасии планира да ја зголеми контролата на трошењето на парите на општините и нивната отчетност.
Со попстепено зголемување на процентот кој го добиваат општините од приходите од персонален данок на доход, како и со зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, согласно перформансот на општините ќе се подобри фискалниот капацитет на општините, а преку поголема контрола во однос на подготовката на плановите на општините и трошењето на парите се очекува да се намали високата задолженост на општините.
Ова е содржано во информацијата на Министерството за финансии доставена до владата која е усвоена на вчерашната седница.
По ова ќе следи процес на јавни консултации и расправа со ЗЕЛС и засегнатите страни, а во координација со Работната група за продолжување на процесот на децентрализација формирана од страна на Владата во која учествуваат министерствата за политички систем, за финансии, за локална самоуправа и ЗЕЛС.
Од Министерството за финансии велат дека подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, ќе се спроведе преку повеќе активности кои предвидуваат раст на средствата кои им се распределуваат на општините од наплатените давачки во цетралниот буџет, зголемување на сопствените приходи на општини и формирање на фондови кои ќе го поддржуваат добриот перформанс.
– Планирано е постепено зголемување на процентот кој го добиваат општините од приходите од персонален данок на доход, наплатен од физичките лица пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште во општината.Исто така, постепено ќе се зголемува и стапката на дотација од наплатениот ДДВ, согласно перформансот на општините. Имено, планирано е формирање на два фонда – Фонд за перформанси и Фонд за воедначување. Општините кои покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за воедначување ќе се обезбедат средства за општините кои имаат пониски приходи, но истите покажуваат фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи – велат од Министерството.
Исто така ќе се дејствува и кон зголемување на сопствените приходи на општините и кон изнаоѓање на нови локални приходи според добрите практики од ЕУ и подобрување на критериумите за распределба на доделените средства за пренесените надлежности во областа на основното и средното образование, култура, детска заштита и заштита на стари лица и противпожарна заштита.
Од Министерството велат дека е потребно и да се зголемо финансиска дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење.
– Предвидени се активости во насока на мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на долговите, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување на финансиска нестабилност, издавање на општинска обврзница и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија – додаваат оттаму.
Државата ќе ја зголеми и контролата на транспарентноста и отчетноста на општините.
– Ќе се носат мерки за зголемување на транспаретноста на општините преку објавување на финансиските извештаи на транспаретен и разбирлив начин, а ќе се дејствува и кон поголема отчетност за користење на буџетските средства – велат од Министерството за финансии.