ОПШТИНИТЕ ДА ГИ ПРОЦЕНАТ ШТЕТИТЕ ОД ПОЖАРИТЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО Трипуновски најави обесштетување на загубите

На прашањето за инфлацијата и најавените владини мерки, Трипуновски потсети дека примарна цел на секторот земјоделство е обезбедување доволно производи и преработки кои ќе ги задоволат потребите на домашниот пазар

22

Обврска на општините е да ги направат потребните проценки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со евентуалните штети кај земјоделските култури од пожарите.

– Сите штети од природни непогоди согласно законот, треба да ги процени општината. Треба да направи елаборат и да го достави до Второстепената комисија за проценка на штети. Изминатите месеци имавме пролетен мраз и Комисијата работи континуирано за навремено да се исплатат штетите. Значи, обврска на локалната самоуправа е – колку побрзо ќе го направи елаборатот, толку побрзо ќе биде ставен во владина процедура за обесштетување – рече  Трипуновски по средбата со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.






Во однос на информацијата  дека во маркетите нема доволно домашни јајца, Трипуновски рече дека ќе ги провери.

-Прв пат слушам за ваков проблем, не знам за каков проблем станува збор. Јас знам дека нашето производство на јајца ги задоволува домашните потреби, а имаме и количини кои се извезуваат надвор од државата. Дополнително ќе проверам дали има проблем, немам информација дека има проблем со снабдување јајца на полиците во маркетите – рече Трипуновски.

На прашањето за инфлацијата и најавените владини мерки, Трипуновски потсети дека примарна цел на секторот земјоделство е обезбедување доволно производи и преработки кои ќе ги задоволат потребите на домашниот пазар.

-Нашата цел е да ги стимулираме земјоделците за поголемо производство и тука сме фокусирани максимално. Преку програмите за поддршка сакаме да го зголемиме производството. Од лани работевме на враќање на количините пченица кои ќе ги задоволат домашните потреби и годинава, на оние 70 000 хектари кои ги имавме, собравме над 280 000 тони што е задоовлување на нашите потреби. Така работиме и на другите култури. Ние како Министерство ги поддржуваме сите категории земјоделци, но и правиме и измена на закони, правилници и креираме превентивни мерки, но, сепак е примарно зголемувањето на квантитетот – подвлече Трипуновски.

Поврзани содржини