(ОБНОВЕНО) АРМИСКИ ХЕЛИКОПТЕР СЕ УПАТИ КОН БЕРОВО Пожарот може да прерасне во големина како тој лани (ГАЛЕРИЈА)
Апелираме до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година, велат од општина Берово, додавајќи дека пожарот може да достигне големина каква што имаше пожарот лани во истата општина.
Еден армиски хеликоптер веќе е на пат кон Беровскиот регион каде пожарот меѓу селата Митрашинци и Будинарци е надвор од контрола.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов за МИА информира дека доколку има услови хеликоптерот ќе интервенира и ќе исфрли вода над опожарените површини.
Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пеќевски вели дека сите институции се ангажирани во гаснењето на овој голем пожар и во моментов со помош на дрон ќе направат снимка и проценка на тоа каде и во кој правец се движи огнената стихија бидејќи теренот е непристапен и е во планински предел.
Пред час и половина тој го повика и месното население да е вклучи во гасењето на пожарот.
Посочи дека веќе имаат индиции дека пожарот е подметнат. На терен веќе е инспектор за пожари и се прават разговори со месното население.
Шумскиот пожар меѓу селата Будинарци и Митрашинци близу Берово уште тлее. Тој се разгорел поради ветрот. Додека командирот на ТППЕ-Берово побара од општина Пехчево возило и дополнителни сили, општина Берово апелираше до граѓаните да помогнат со гаснењето. Зафатени се и до три хектари шума во Општина Делчево, вели портпаролката Даниела Такева.
Се работи за мешана шума до даб и бука, а гори и сува трева.
„Во моментот гори голем пожар над селото Митрашинци, над објектите на семејството Валаски. Пожарот може да прерасне во големина каква што имавме минатата година. Апелираме до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година“, велат од општина Берово.
И лани во овој дел на Македонија имаше големи шумски пожари кои направија пустош. На помош дојдоа пожарникари од повеќе земји. Помогнаа Словенци, Австријци, Бугари, Срби.