ОПШТИНА ТЕТОВО ДОНЕЛА ОДЛУКА ДА СЕ УРНЕ КРСТОТ НА ПОПОВА ШАПКА!? Кога ќе дојде време ќе го направиме тоа, изјавил шефот на инспекторатот Сулејмани
Со документи е докажано дека ДУИ, во соработка со Православната црква, сегашниот имот на црквата од државно пасиште го пренамени во градежното земјиште, по што беше изграден крстот - изјави портпаролката на Беса Љуљзиме Амети, покажувајќи документи.
Шефот на општинскиот инспекторат во општина Тетово Седат Сулејмани изјави дека е донесено решение за уривањето на крстот на Попова Шапка, но не знае кога ќе биде урнат, пренесува Телеграфи од Косово.
– Има одлука за уривање на крстот. Кога ќе се урива, не знам. Во Тетово има повеќе од 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа – изјавил Сулејмани за косовскиот медиум.
Тој денеска ја обвини градската полиција дека не ѝ помогнала на општината при отстранувањето на некои киосци од тротоарот.
Крстот на Попова Шапка е поставен во дворот на манастирот Свети Наум Чудотворец. Овој 15-метарски верски симбол предизвика меѓусебни обвинувања меѓу партиите на Албанците во Македонија кои се на општинска или централна власт.
Денеска портпаролката на Беса изјави дека ДУИ и неговите партнери го поставија крстот на Попова Шапка и се обидоа да го насочат овој потег кон нејзината партија.
– Но, тоа не успеа, затоа што со документи е докажано како ДУИ во соработка со Православната црква, сегашниот имот на црквата, од државно пасиште, го пренамени на градежното земјиште, по што беше изграден крстот – изјави портпаролката на Беса, Љуљзиме Амети покажувајќи документи.
Таа рече дека власта и ДУИ прават само злосторства со народот со манипулации, дезинформации и поигрување со етничките и религиозните чувства на граѓаните.
„За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали каде било во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот?“, реагираше на Фејсбук Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници.
Од Општина Тетово за ТВ 21 потврдиле дека постои одлука за уривање на крстот, но додале дека „иако е поставен без дозвола, постојат можности да се легализира“.
Пред два дена, како што наведува Експрес, уследија нови реакции на Албанците, откако беше поставен православен крст во една населба во Куманово.
„Џиновски крст е поставен на влезот на пазарот за стари работи во населбата Коњаре во Куманово. Немојте да нè провоцирате со овие крстови“, гласеше една од тие реакции, кои ги пренесе информативната агенција на албански јазик ИНА.
На поставувањето на крстот реагираше и поранешниот општински советник Осама Муадини:
„Кој и каква потреба имаше да се постави овој крст?! На кој имот и со чија дозвола е поставен овој крст? Дали Општината дала дозвола за тоа и со чии пари е поставен тој?“