ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА СО МЕРКИ ЗА ПОЧИСТ ВОЗДУХ Пречистувачи во сите училишта
Свесни сме за проблемот со загадувањето на воздухот, особено во зимскиот период, кога концентрацијата на штетни честички е на екстремно високо ниво, а пречистувачите ќе помогнат зазначително намалување на штетните честички во просториите каде што децата поминуваат голем дел од своето време, вели градоначалникот Ѓорѓиевски
Општина Кисела Вода ќе ги опреми сите 230 училници во сите основни училишта на својата територија со пречистувачи на воздух. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја објави оваа мерка која треба значително да помогне во заштита на здравјето на најмладите, како и во создавање на здрави еколошки навики кај нив.
Од Општината соопштија дека овој процес е започнат летово, со поставување на пречистувачи во ООУ „Невена Георгиева Дуња”, а денеска се поставуваат во ПОУ „Кузман Јосифовски Питу”. Во наредниот период, сите училници во сите основни училишта во општина Кисела Вода ќе добијат пречистувачи на воздух.
– Свесни сме за проблемот со загадувањето на воздухот, особено во зимскиот период, кога концентрацијата на штетни честички е на екстремно високо ниво – вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој додава дека пречистувачите на воздухот ќе помогнат зазначително намалување на штетните честички во просториите каде што децата поминуваат голем дел од своето време
– Ова е уште чекор кон создавање поздрава и побезбедна средина, каде нашите деца ќе можат непречено да го следат своето образование и да растат во услови што го штитат нивното здравје. Ќе потсетам дека поставивме мерна станица во парцелата на Цементарница УСЈЕ. Претходно ја ставивме во функција мерната станица кај Домот на култура „Билјана Беличанец”. Секоја година по неколку пати организираме масовни акции за пошумување, доделуваме субвенции за набавка на пелети како еколошки енергенс, интензивно работиме на имплементација на проекти за енергетска ефикасност. Во Буџетот за 2024 година предвидовме средства и за набавка на фотоволтаици. Воедно, покрај тоа што обезбедивме пречистувачи на воздухот за сите училишта, наскоро ќе поставиме и пречистувачи на воздух и во поголемите паркови на територијата на Општина Кисела Вода – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.