Секторот за инспекциски работи и денес излезе на терен и продолжи со акцијата за отстранување на нелегални објекти на територија на Општина Центар.
– Откако инвеститорот, Вандербилт Тенис Клуб ДООЕЛ Скопје, не постапи по решението издадено од Општина Центар за самостојно отстранување на градбата, општината пристапи кон присилно административно извршување – се вели во соопштението до Општина Центар.
Со денешната активност е опфатено отстранување на ресторан на улица „Славејко Арсов“ бб, со пропратни објекти – санитарен јазол и шанк со димензии 19,20 м х 9,60 метри и 4,50 м х 5,50 метри, изградени од челична конструкција и греди, објекти во градба за што градителот на поседувал соодветна одобрена документација во согласност со членот 137 став 4 од Законот за градење.
Акцијата за отстранување на дивоградбите продолжува и во наредниот период, со што се опфатени 18 нелегално поставени и изградени објекти.
– Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ повторно упатуваат апел до инвеститорите и сопствениците на нелегално поставените објекти, согласно издадените решенија сами да постапат и да ги отстранат објектите во законски предвидениот рок. Во спротивно, општината со механизација присилно ќе ги отстрани, а трошоците за отстранување ќе паднат на товар на инвестиорите, односно сопствениците на објектите – велат од општината.