Општина Центар: Не може секој да гради каде што ќе му текне
Ќе ги искористиме сите правни механимзи кои ни стојат на располагање за дисциплинирање на градежните парцели и ќе инсистираме на максимално запазување на параметрите за ДУП-овите – ни изјави портпаролот на Општина Центар, Емил Лазаревски.
Ќе продолжиме со ревидирањето на ДУП-овите и отсега ќе бидеме поригорозни при издавањето решенија за градење, велат за Плусинфо од Општина Центар, откако Уставниот суд го укина мораториумот за градба на територијата на оваа општина.
– Оваа одлука беше очекувана, затоа што на претходниот состанок на Уставниот суд имаше таква најава, а ова е втор пат да добиеме ваква одлука. Сепак, ревизијата на плановите ќе продолжи, иако значително полесно беше додека беше активна одлуката за неспроведување на ДУП-от. Ќе ги искористиме сите правни механимзи кои ни стојат на располагање за дисциплинирање на градежните парцели и ќе инсистираме на максимално запазување на параметрите за ДУП-овите – ни изјави портпаролот Емил Лазаревски.
Тој додаде дека во моментов не може да реагираат, затоа што градоначалникот Саша Богдановиќ сè уште е во изолација поради ковид-19, но веднаш штом ќе биде во можност, објаснува Лазаревски, ќе биде свикан состанок со соодветните одделенија во Општината и ќе биде одлучено кои чекори ќе бидат преземени.
Инаку мораториумот од страна на Општина Центар беше донесен за да се ревидираат Деталните урбанистички планови (ДУП) кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (ГУП) и кои нема да се применуваат. Сите 31 ДУП-ови кои Општината ги ревидираше се спротивни на ГУП-от, па со тоа нема да се издаваат дозволи за градба додека не бидат усогласени со генералниот план.
Од Општината велат дека досега од предвидените 31, ревидирани се и донесени се 8 ДУП-ови, а Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 година донесе мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 ДУП.
Инаку денеска Уставниот суд излезе со соопштение во кое беше објавено дека се укинува мораториумот за градба донесен од Општина Центар.
„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27 март 2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, наведено е во соопштението на Уставен суд.
За потсетување, во 2018 година Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот до Уставен суд беше поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Потоа, на 20 март, Уставниот суд времено го укина мораториумот додека не се донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот. По ваквата одлука на Уставен суд, Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, нема да се применуваат. Сите планови кои се ревидираат се спротивни на ГУП-от, па со тоа во Општината не се издаваа дозволи за градба.