Општествен гнилеж

Чудо никој не го спомна знамето од Вергина, можеби и тоа ќе го врати новата власт?

1,132

Речиси е неворојатно до каде може да оди оваа харанга што ја води македонската „интелектуална“ клиентела контра (не)искажан збор и измислен проблем, така подмолно подметнат и во устите на соседите и меѓународната заедница. И сите во крекачки хор – сосе BBC, ве молам – загрижени каде тоа оди (Северна) Македонија: ќе го враќа она ФИРОМ (против коешто оваа клиентела ионака немаше ништо против!), ќе се откажува од НАТО (демек „вадејќи“ ги знамињата од претседателската резиденција) и од Преспа (којашто претходнине ја забетонираа за век и веков!), па ќе сме ги ваделе одново оние понижувачки ливчиња за влез во Елада (за коишто, повторно, слепциве немаа ама баш ништо против)…?

Чудо никој не го спомна знамето од Вергина, можеби и тоа ќе го врати новата власт?






И навистина ли на овој општествен гнилеж не му пречи ни повторениот „јужен ветар“ што носи пораки од Лерин за „Скопје“ дека ако земјата си „ја нарекуваат така како што сакаат да ја нарекуваат, тогаш ќе треба да знаат дека нивниот европски пат ќе остане затворен“? Не верувам, но изгледа лукративниот миг е многу посилно развиен кај нив отколку другите чувства. Или тие сериозно мислат дека се само – реални?

Се разбира, не мислам дека и еден (не)искажанан збор и измислен проблем не можат да бидат реалност. Но само ако таквата реалност ја прифатите како „закон“ даден од Бога. Но тогаш помирливо ја прифаќаме ли како оправдана и целата тажна историја (не само) на Македонија? И тоа ќе го наречеме – геополитика?

Но што кога ќе се појави таква реалност којашто овие не ја одобриле, а ги тангира токму оние кои на земјата многумина ги гледаат како „пратеници“ на Бога? Каков што е идентичниот „случај“ што сега ја погодува и Македонската православна црква, не само со барањето да се откаже од името. Што сега? И нивното спротивставување односно неприфаќање на „условите“ од нашава клиентела ќе биде интерпретирано како диктат на новата власт? Или можеби директно од – претседателката?

И ајде баш да видиме што и како ќе крекаат, кои „адути“ ќе ги извадат од ракав и како ќе го нарекуваат и Синодот? Националисти, противници на евроинтеграциите, измеќари… флагрантни прекршители на геополитичките „закони“? Ама тие „закони“ нив воопшто и не ги интересираат!

Но, белки македонскиот граѓанин забележува дека целата оваа веќе вулгарна кампања ја водат грст платеници кои успешно цицаа од сите страни цели осум години – но и претходно! – и кои сега имаат проблем со континуитетот на приходите и бенефициите. Згора на тоа, новата власт, очигледно, нема да ги аболицира од гревовите во минатото. И не смее, зашто тие беа движечката ергела на хибридниот режим, онаа што нѐ убедуваше во исправноста на болници што горат за 10 минути, автопати што се градат 12 години, 2 коридори што чинат колку на Св. Петар кајганата, астрономските плати на газдите им, неспособноста и криминогеноста на власта како нормална појава во Европа итн.

Тие беа/се важен дел во (не)културната војна што ја водеше паднатата власт обидувајќи се – според диктатот на стратешката „мисла“ – да проектираат неморално општество во коешто бесрамните политичари ќе бидат огледалото на бесрамното општество. Нашата локална варијанта на таквото општество требаше да бидат  криминогените политикантски структури – оние Лаканови апаши – континуирано поддржувани од бригадата „интелектуални“ лажговци во медиумите и армијата тролови на социјалните мрежи.

Оттука, овие лажговци, таа „академска“ општествена гнилеж, е барем еднакво, ако не повеќе, одговорна за катастрофата во државата на сите полиња, за хаосот во власта, за премолчувањето – што е еднакво на поддршка! – на криминалот и корупцијата на нивните газди, за игнорирањето на дивеењето на нивниот коалициски партнер и слично. И згора на сѐ, тие и понатаму одработуваат за губитниците верглајќи ги истите „тези“ и „вистини“ што ги слушаме осма година по ред.

Геил Колинс и Брет Стивенс, колумнисти на Њујорк тајмс, водејќи дијалог за модерната американска политика, велат дека во САД има само два типа политичари: оние без дамка (stainless) и оние без срам (shameless)! Не сум прочитал кај нас некој да се занимава со таква „класификација“, но овие три децении покажуваат дека кај нас превладуваат оние вторите. (Апропо, што инаку беше она отсуство на Црвенковски и Пендаровски од инаугурацијата на новата претседателка?). Но ако во македонската политика можеби сѐ уште има место и за првиот „тип“, во „интелектуалните“ кругови што се врткаат околу политичарите нема дилеми: оние без срам се единствената категорија!

Овој доминантен општествен гнилеж, директно плаќан со големи државни пари и нивни (лични и семејни) општествени бенефиции, не само што ги премолчуваа криминалот и корупцијата во самите врвови на бившата власт станувајќи со тоа директни соучесници, туку сега се пројавуваат и како директни потпалувачи на некаков нејасен меѓународен одиум против новата власт. Зошто и во чија полза? Зошто никој од нив не пишува за оној апаш од Врховниот суд?

Има ли „меѓународната заедница“ некаков план за враќање на старите политикантски праматари од форматот на Заев и Ковачевски или ќе го помогнат инсталирањето на некои нивни „до зла бога“ ветви кандидати за наследници од форматот на Филипче или оној Деспотовски? Па и „Цаци“, ако сме веќе кај тоа! Или мислат дека со нивното алапачисување ќе ја поттикнат и „меѓународната заедница“ за мерки против новата власт?

Таквото бесрамно однесување, дури и кога би имало некакво оправдување во дел од постапките на новата власт, е сепак јалово, крајно проблематично и во основа антидржавно!

Или, да сведочевме на нивен ангажман контра (барем) најкриминалните постапки на претходната власт од форматот на „Бехтел и Енка“ како апашка зделка на векот или аболицијата на целата стара политичка криминална структура преку измените на Кривичниот законик, веројатно и ќе можевме да помислиме дека се доследни во нивниот „интелектуализам“.

Или, на пример, нивниот ангажман да беше еднакво насочен и кон горливите светски прашања во коишто и Македонија има(ше) некакво (негативно) учество, повторно ќе имаше простор за преиспитување на нивните „ставови“. Но кога еден таков „елитен“ општествен слој гласно молчи не само за геноцидот во Палестина туку и за нашата воздржаност при гласањето во ОН, а притоа Македонија се појавува како коспонзор за Сребреница, или некој од нивните редови да кренеше глас за Асанж, или за климатските промени, или… за што и да е што го загрижува светот, можеби ќе ги погледневме и со други очи.

Или, ако нивниот „интелектуализам“ не ги преминува границите на државава, како тоа сите, до еден, мазно преминаа преку онаа скандалозна изјава на оној Пендаровски во кампањата за обид за страотно неморална трампа со дозвола за премин  на трупи на НАТО кон Србија во 1999 година, а з возврат да добиеме директно членство во таа воена организација?

Оттука, вака затарабени само во трлото на бившата власт, нивниот „интелектуализам“ се сведува само на пелтечење за некаков национализам не само во редовите на новата власт туку и кај две третини од македонскиот народ, а го премолчуваа(т) кај доскорешниот коалициски партнер на нивните газди, на хистеризирање за некаков застој во евроинтегративниот процес, и сега, како главен џокер, „скандалите“ со Спогодбата од Преспа.

Како и оној првичен провинциски цинизам дека на новата претседателка изборот ѝ го честитале само Вучиќ и Орбан!

Оттука, ние можеби сме мали и „стиснати меѓу Водно и Газибаба“ односно меѓу „китовите и слоновите“, но имаме ли право на збор, па и на став? Го има ли тоа и МПЦ? Или и тоа ќе ни го диктира овој општествен гнилеж кој сака да ни се претстави како гласноговорник на „меѓународната заедница“? Или тие навистина никогаш и не биле интелектуалци во вистинската смисла на зборот, оние во „скромна и смела служба на вистината“ (Силоне), туку современи интелектуални платеници на служба кај оној кој добро плаќа!

Поврзани содржини