Oпозицијата до ЕУ: Неуставно е Цветанка Иванова да биде судија во Уставен суд
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека ќе се изврши партизација на Уставниот суд и дека спротивно на членот 111 од Уставот владејачката партија планира да избере партиски кадар со што ќе го девалвира и партизира Уставниот суди и ќе ја наруши независноста, како што се вели, на овој орган кој што ја штити уставноста и законитоста и врши контрола на законодавната и на извршната власт.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска доставија писмо до Делегацијата на ЕУ во Скопје во кое го известуваат амбасадорот Дејвид Гир дека власта сака за уставни судии да избере истакнати партиски функционери и тоа генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и адвокатот Васко Талевски, член на општинската оранизација на СДСМ во Битола кој до неодамна беше и член на извршниот одбор на партијата.
Тие предупредуваат дека ќе се изврши партизација на Уставниот суд и дека спротивно на членот 111 од Уставот владејачката партија планира да избере партиски кадар со што ќе го девалвира и партизира Уставниот суд и и ќе ја наруши независноста, како што се вели, на овој орган кој што ја штити уставноста и законитоста и врши контрола на законодавната и на извршната власт.
Опозициските пратеници наведуваат и дека Иванова нема практично искуство во правосудството, ниту научен труд од областа на правото со што, како што се вели во писмото, ја исклучува од категоријата истакнати правници, како услов да се биде уставен судија.
„Напротив Иванова е позната како долгогодишен пратеник од редовите на СДСМ, државен службеник во општина Струмица во времето кога градоначалник бил Зоран Заев и актуелно политички именувана на позиција генерален секретар на Собранието кога премиер на државата е Зоран Заев“, се наведува во писмото од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до Европската Унија во Скопје.
Во членот 111 од Уставот, велат пратениците, е утврдено дека функцијата судија на Уставен суд, е неспојива со членување во политичка партија.
Спротивно на тоа, Иванова неодамна, потсетуваат пратениците, доби јавна благодарница од партијата на СДСМ за нејзиниот придонес во партиските структури, а Талевски беше член на Извршниот одбор и на 29.01.2021 јавно го ажурираше своето членство, во партијата СДСМ.
„Ова јасно покажува дека двајцата кандидати немаат професионален капацитет, не се истакнати правници за да бидат уставни судии, а нивниот активен партиски ангажман е спротивен на Уставот во делот на условите за избор во Уставниот суд“, се вели во писмото од пратениците.