ОПОЗИЦИЈАТА ЈА КРЧКА ОДМАЗДАТА ТИВКО ПОЛЕКА Со кафенце и локумче пратениците ќе „тагуваат“ за референдумот

Активна блокада би требало да значи блокирање на сите комисии и блокирање на сите пленарни седници. Тоа подразбира блокирање со амандмани и со филибастеринг, блокирање со говори, дури и со физичко блокирање, изјави пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов.

12,529

Пратениците од опозицијата со сигурност ќе ја блокираат работата на Собранието поради одлуката на собранискиот спикер Талат Џафери да ја отфрли иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што засега сѐ уште останува непознато е дали опозициските пратеници, во знак на револт, ќе престанат воопшто да одат на работа, или, пак, ќе одат на работа, но наместо да прават кворум во собраниската сала и да говорат на говорницата, тие работното време ќе го трошат пиејќи кафе во собраниското бифе.






Раководството на најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ, како што дознава Плусинфо, сериозно размислува драстично да го зголеми степенот на отпор кон власта, а точната формула по којашто ќе делуваат пратениците ќе зависи од договореното на состанокот помеѓу опозициските партии коишто ја поддржааа иницијативата за референдум. Состанокот, неофицијално, ќе се одржи во текот на следните неколку дена.

Инаку, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вчера веќе ја повика целата опозиција да влезе во тотална блокада на Собранието. Тој смета дека по последната постапка на Талат Џафери, кој самиот реши да ја проценува уставноста на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, нема веќе смисла да се биде во Собранието.

Од друга страна, пак, СДСМ и ДУИ возвраќаат дека нема да дозволат лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ја загрози европската иднина и остануваат цврсто на ставот дека иницијативата е неуставна.

Сите опции се во игра

Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во разговор за Плусинфо потврди дека се точни гласините дека неговата партија планира значително да ги заостри односите со власта и да започне активна блокада на Собранието.

Оставаме да одлучиме и да разговараме внатре во партиските тела за тоа како би било најдобро да делуваме во иднина, меѓутоа јас ви тврдам дека буквално сите опции се во игра, вклучително и активно блокирање на Собранието.

Бојан Стојаноски Пратеник, ВМРО-ДПМНЕ

Тој вели дека буквално сите опции се во игра и оти потегот на Џафери со отфрлањето на иницијативата за референдум само дополнително ја зголемил нефункционалноста на и така нефункционалниот Парламент.

– Дефинитивно ќе ги заостриме односите во Собранието. Сите експерти коишто ги консултиравме потврдија дека нашето референдумско барање беше исправно, но спикерот Талат Џафери повторно се стави во улога на уставен судија и по којзнае кој пат ги надмина своите надлежности. Тој не ни остави никаква можност за да ги размениме аргументите и да се обидеме да го убедиме во уставноста и во уредноста на иницијативата. Ние и претходно кажавме дека ако вака насилно биде одбиена иницијативата, тогаш ќе ги заостриме односите во Собранието. Оставаме да одлучиме и да разговараме внатре во партиските тела за тоа како би било најдобро да делуваме во иднина, меѓутоа јас ви тврдам дека буквално сите опции се во игра, вклучително и активно блокирање на Собранието. Всушност, активната блокада и сега е активна, но во иднина дополнително ќе се засили. Едноставно, нема да им дозволуваме на властите нештата во Парламентот да им поминуваат онака како што тие замислиле. Нема да им биде лесно, верувајте – изјави Стојаноски.

Што значи активна блокада?

Пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов, објаснува дека активната блокада ќе значи блокирање на сите комисии и блокирање на сите пленарни седници.

– Пасивна блокада е развлекување на сите комисии и собраниски пленарни седници со пријавување на сите пратеници за збор. Со пасивната блокада, ако една седница треба да трае, на пример, еден ден, таа трае три дена, но епилогот е дека сепак таа завршува. Таква блокада моментално прави ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Значи, сите пратеници земаат реплики паушално, ама на крајот на денот повторно се донесуваат законите и заклучоците, само наместо за еден ден, се носат за три или за пет дена. А активна блокада би требало да значи блокирање на сите комисии и блокирање на сите пленарни седници. Тоа подразбира блокирање со амандмани и со филибастеринг, блокирање со говори, дури и со физичко блокирање. Односно, со активната блокада се парализира целиот процес, нема донесување заклучоци и закони – објасни Крмов.

Инаку, како што велат од партијата на Димитар Апасиев, Левица активно го блокира Законот за етничка припадност во лични карти со филибастеринг на амандмани и тој закон до ден-денес стои блокиран во Собранието.

– Има 15 закони што ги блокиравме со филибастеринг на амандмани и потребно е ние да ги повлечеме амандманите за да влезат законите во процедура – велат од Левица.

Нож до коска

Пратеникот и лидер на Демократска партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, кој јавно ја поддржа иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, за Плусинфо вели дека пратениците од опозицијата нема да го напуштат Собранието, но дефинитивно ќе го зголемат отпорот кон власта.

– Работата е дојдена „нож до коска“. Нема веќе назад. Никој не почитува процедури, не се знае кој пие, а кој плаќа во државава. Затоа, време е отпорот на опозицијата кон сето тоа што го работи власта да се подигне на повисок степен. Многумина бараат од опозициските пратеници да го напуштат Собранието, меѓутоа, ако направиме таков чекор, тоа ќе значи дека на власта ѝ оставаме чист простор за да си ги спроведе сите криминално-коруптивни работи коишто сака да си ги спроведе. Тоа нема да го дозволиме по никоја цена – вели Стоилковиќ.

Тој најавува комбинација на нешто што би требало да значи подигнување на степенот на актуелната активна блокада на Собранието.

– Ќе видиме како ќе се одиваат работите. Деновиве треба да направиме состанок и да се договориме како да делуваме. Собранието и сега е нефункционално. Вратете се шест месеци наназад, побарајте го листингот на Собранието и ќе дознаете што сѐ е усвоено во тој изминат период. Тогаш ќе заклучите дека Собранието е апсолутно нефункционално. Е сега, дали таа нефункционалност треба да се преточи во некаков посериозен отпор, наскоро ќе одлучиме – истакна Стоилковиќ.

Не ни се пишува добро

На прашањето како ќе се одрази евентуалната активна блокада на опозициските пратеници во Собранието врз целокупната состојба на државата, со оглед на тоа што ни следува студена зима, како и енергетска и финансиска криза, политикологот Димитар Христов забележува: „Нашето Собрание е во постојана блокада, освен кога не е“.

Блокадите веќе станаа лоша пракса на сите опозициски партии. Демократски е дозволено, но реалноста во Македонија е сосема поинаква.

Димитар Христов Политиколог

– Гледајќи наназад од неколкуте активни блокади на Собранието, можеме да заклучиме дека тоа не ни носи никаков позитивен резултат, туку ни носи само уште поголемо кочење на и така вкочената состојба во државата. ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја прават оваа блокада со цел да притиснат за нови предвремени избори. Ако крајната цел е ова, тогаш воопшто нема потреба од блокада, бидејќи предвремените избори најмногу ќе зависат од ДУИ. Доколку прифати ДУИ, тогаш ќе има избори. Блокадите веќе станаа лоша пракса на сите опозициски партии. Демократски е дозволено, но реалноста во Македонија е сосема поинаква – вели Христов.

Во услови на криза која ни тропа на вратата, додава тој, блокирано Собрание е нешто што најмалку треба да го посакуваме.

– Активната блокада дополнително ќе ја зголеми апатијата на народот во поглед на политичките случувања и ќе доведе до поголемо разочарување на граѓаните од пратенциите. Како и да е, не ни се пишува добро – посочува политикологот.

Поврзани содржини