Во текот на изминатиот викенд, непознати сторители опожариле три сада наменети за одлагање комунален отпад на улицата Јуриј Гагарин во скопската општина Карпош.
Станува збор за пластични контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри, од коишто едниот е сосема уништен и неупотреблив, додека останатите два сада претрпеле значителни оштетувања од пожарот, соопшти Комунална хигиена.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија целосно расчистување на микролокацијата и го заменија комплетно опожарениот контејнер со нов сад за одлагање на отпадот, додека останатите два контејнера се сервисирани.
ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира граѓаните внимателно да ракуваат со садовите наменети за одлагање на отпадот, за екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа. Секое оштетување на контејнерите значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје, додаваат од Комунална хигиена.