Ако сакате да живеете што подолго, сè што треба да направите е – да се преселите во Италија!
Оваа медитеранска држава опкружена со 5 мориња е прогласена за најздрава земја на светот, според глобалниот здравствен индекс на „Блумберг“ од 163 земји. Бебињата родени во Италија можат да очекуваат дека ќе живеат до 9-та деценија од животот.
Иако Италија е помеѓу најздравите земји на светот, нејзиниот раст стагнира веќе со години, речиси 40 отсто од младите се невработени, а земјата има големи долгови.
Но, и покрај сè, Италијанците се во значително подобра форма од Американците, Канаѓаните или Британците, кои во голем број страдаат од висок крвен притисок и холестерол, како и од психички проблеми.
Италијанската кујна има голем удел во доброто здравје на нацијата. Тука е и медитеранската исхрана, богата со зеленчук и маслиново масло кое Италијанците го обожуваат.
На второ место на листата на најздрави земји е Исланд, а на трето Швајцарија. На четвртото и петтото место се Сингапур и Австралија. Во меѓувреме, 4.500 километри јужно, во Сиера Леоне, просечната старост е 52 години, пишува „Индепендент“, што ја прави најлоша земја за живот според оваа листа.
Секоја држава е оценета врз основа на очекуваното траење на животот, причините за смрт и здравствените ризици како висок крвен притисок, пушење цигари, неисхранетост и пристап до питка вода.