ОПЕРИРААТ И ЗА ВИКЕНД ЗА ДА ГИ СКРАТАТ ЛИСТИТЕ ЗА ЧЕКАЊЕ Пациентите добиваат побрз термин на Клиниката за трауматологија
Досега со забрзаната викенд-акција се опфатени неколку десетици пациенти, а бројката постојано расте.
Со забрзана викенд-акција на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, се намалува листата за чекање на хируршки интервенци откако тимот на д-р Игор Мерџановски реши да оперира и за викенди и да овозможи простор за побрза интервенција кај пациентите.
– Главната причина беше долгогодишното акумулирање на пациенти кои чекаат оперативен зафат, што дополнително се интензивираше за време на пандемијата, но и поради недостиг на кадар и ограничени оперативни термини. Наш приоритет е пациентите да добијат навремена и квалитетна здравствена услуга, бидејќи пролонгираното чекање често доведува до влошување на здравствената состојба и покомплексни интервенции – вели д-р Мерџановски во интервју за порталот Република.
Досега со забрзаната викенд-акција се опфатени неколку десетици пациенти, а бројката постојано расте. Се вршат ортопедски и трауматолошки интервенции, вклучувајќи корективни операции, реконструктивни зафати, интервенции на ‘рбет, екстремитети и други состојби за кои пациентите чекале подолг временски период.
Резултатите од овие викенд-акции веќе се видливи. Листите на чекање се скратуваат, а пациентите кои со години чекале конечно добиваат термин за интервенција. Ова значително го подобрува нивниот квалитет на живот и ја враќа довербата во јавното здравство, додава д-р Мерџановски.