ОПЕРАЦИЈА „ЛАЖНО ЗНАМЕ“ Кој кого ќе нападне во Украина?
Ако Русија навистина одлучи да нападне, тоа сепак ќе биде кратка операција. Најверојатното сценарио е ова: прво Русија ќе направи масовен сајбер напад во Украина и паралелно ќе ги намалува струјата и топлината. Потоа ќе ги нокаутира украинските воздухопловни сили и нејзината минијатурна морнарица и ќе ги уништи сите големи засолништа на оружје и нејзините резерви со беспилотни летала. Целта е едноставна – да се принуди украинската влада да седне на преговарачката маса. Без поголема војна, што помалку, тоа подобро.
„Операција лажно знаме“ обично е термин кој се користи кога некоја земја намерно ќе исценира напад врз своја територија за да има алиби да започне војна. Вакво нешто направила Нацистичка Германија која убила свои војници облечени како Полјаци близу полската граница за да го оправда бомбардирањето во 1939 година. Размислува ли Русија за вакво нешто, кое е стандардна постапка во отпочнувањето војна?
Сигурно, но уште поинтересно е што за вакво нешто се спрема и „малата“ Украина, која со операција „лажно знаме“ би можела да си ги поврати побунетите региони кои сакаат да се присоединат кон руската држава. Според некои извори, ова е токму тоа што Западот го посакува и на што работи. Брза, незабележлива војна во регионот Донбас, а потоа дипломатско решение во корист на Алијансата, пишува РусијаДенес.
Но, брзата војна е истовремено и желба на Русија. Во идеалното руско сценарио, кога Путин навистина би влегол во Украина, тоа би било кратка операција колку да се заплаши Киев и што побрзо да се седне на преговарачката маса. Кратка бидејќи на огнот би следел огромен одговор од НАТО и сојузниците и веројатно конфликт до поголеми размери.
Значи, кој кого ќе нападне во Украина?
Западот ги тренира украинските командоси
Украинските командоси обучени од Британија планираат „серија терористички напади“ во Донбас за да ја обвинат Русија за агресија против нивната земја, тврди официјален претставник од непризнаената, таканаречена Народна Република Доњецк. Во Доњецк и Луганск освен што има „про-руска“ милиција, има и неонацисти кои шетаат по улиците. Тие се во конфликт со украинската полиција уште од 2014 година.
Командосите ќе целат на снабдувањето со гас и вода, но и на електраните. А ако тоа не успее, можеби ќе се потпрат и на хемиско оружје. Во декември, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу обвини дека американските приватни воени компании почнале да испраќаат „неидентификувани хемиски компоненти“ во градовите во Донбас како потенцијален претходник на напад. Шојгу не даде дополнителни детали или докази за наводниот заговор.

И Русија планира лажно знаме
Од друга страна, Вашингтон ја обвини Русија дека планира напад со „лажно знаме“ на истата територијата контролирана од сепаратистите. Обвинението дојде откако директорот на ЦИА Вилијам Барнс го посети Киев. Русија го отфрли како неосновано и ги нарече американските инсинуации за планирана инвазија „лажни вести“.
„Ве повикуваме да престанете со хистериите и да не создавате тензии околу проблемот со Донбас. И главната работа е да не ги туркаме „жешките глави“ во Киев на нови провокации“, се огласи руската амбасада, додавајќи дека доколку САД навистина сакаат да го решат внатрешниот украински конфликт, ќе престанат да испраќаат оружје во Киев.
А, што ако навистина нападнат Русите?
Ако Русија навистина одлучи да нападне, тоа сепак ќе биде кратка операција. Најверојатното сценарио е ова: прво Русија ќе направи масовен сајбер напад во Украина и паралелно ќе ги намалува струјата и топлината. Потоа ќе ги нокаутира украинските воздухопловни сили и нејзината минијатурна морнарица и ќе ги уништи сите големи засолништа на оружје и нејзините резерви со беспилотни летала, пишува NationalInterest.
Целта е едноставна – да се принуди украинската влада на преговарачката маса на колена. Без поголема војна, што помалку, тоа подобро. Но, Украинците ќе се спротивстават и тој силен отпор би можел да обезбеди Москва да се вплетка во конфликт што ќе се претвори во мочуриште за неа. Путин е свесен за ова, пишува РусијаДенес.
А потоа би дошла и битката на копно. Неодамнешните анкети покажуваат дека Украинците ќе пружат отпор. Веројатноста е дека повеќе од 50 отсто од Украинците ќе се борат или ќе учествуваат во граѓански отпор доколку Русија повторно изврши инвазија. Само 9 отсто од нив планираат да заминат во странство.
Само Путин знае што ќе прави со Украина
Додека НАТО и сојузниците од ден во ден трупаат повеќе оружје за да му парираат на Путин во заплашувањето, официјален Вашингтон признава дека не знае што Путин наумил.
– Секојдневно гледаме акумулација на руски сили долж границите со Украина. Бевме многу јасни за нашата загриженост кога станува збор за облици на агресија и провокации што Русите веќе ги преземаат. Сепак, има само еден човек кој знае што подготвува Руската Федерација за Украина и таа личност се вика Владимир Путин – рече Нед Прајс, портпарол на Стејт Департментот.
Прајс е сигурен само во едно, а тоа е брз одговор од страна на Западот.
– Ги слушнавте пораките, не само од нас, туку и од НАТО, ОБСЕ, Г7, Европската унија и од Европскиот совет. Ако некоја руска сила се помести преку украинската граница, тоа е обновена окупација. Во тој случај, Русија ќе наиде на брз, остар и обединет одговор од сојузниците и од САД – рече Нед Прајс, портпарол на Стејт Департментот.