ОПЕК+ ТАКТИЗИРА СО ПРОИЗВОДСТВОТО НА НАФТА Во декември го зголемува, а потоа три месеци ќе паузира
Аналитичарите велат дека со овој потег на организацијата купува време за да види како санкциите ќе влијаат на руската нафта.
Земјите членки на ОПЕК+ денеска ги зголемија своите квоти за производство за декември. По онлајн состанокот, осумте земји-членки објавија дека во декември ќе го зголемат производството за 137.000 барели дневно во споредба со ноември.
Групата објави дека нема да го зголемат производството во првиот квартал од 2026 година поради страв од прекумерна понуда и пад на цените.
„Од декември, поради сезонски фактори, осум земји, исто така, одлучија да го паузираат зголемувањето на производството во јануари, февруари и март 2026 година“, се вели во соопштението на групата.
Аналитичарите велат дека со овој потег на организацијата купува време за да види како санкциите ќе влијаат на руската нафта.
-ОПЕК+ се воздржа, но тоа беше пресметано. Санкциите против руските производители внесоа нов слој на неизвесност во прогнозите за снабдување, а ОПЕК+ знае дека прекумерното производство сега може да се врати во игра подоцна. Со паузирање, ОПЕК+ ги штити цените, проектира единство и купува време за да види како санкциите ќе влијаат на руската нафта – изјави Хорхе Леон од „Ристад“.
На исто мислење е и Амрита Сен од „Енерџи аспектс“.
-Од јануари до март е најслабиот квартал од годината за рамнотежата помеѓу понудата и побарувачката на нафта, а со паузирање, ОПЕК+ покажува дека проактивно управува со пазарот – вели Сен.
Џовани Стауново од банката УБС рече дека цените на нафтата веројатно нема значително да се променат денеска, бидејќи се очекуваше производството умерено да се зголеми во декември.
Цените на нафтата паднаа на петмесечно ниско ниво од околу 60 долари за барел на 20 октомври поради загриженоста дека се зголемуваат прекумерните залихи, но оттогаш се зголемија на околу 65 долари за барел поради санкциите против Русија и оптимизмот во врска со разговорите на САД со трговските партнери.
ОПЕК+ го намалуваше производството неколку години до април, а намалувањата достигнаа врв во март, вкупно 5,85 милиони барели дневно.
Намалувањата се состоеја од три елементи: доброволни намалувања од 2,2 милиони барели дневно, 1,65 милиони барели дневно за осумте членки и дополнителни 2 милиони барели дневно за целата група.
Групата ги намалува доброволните намалувања, додека последниот елемент од намалувањата на ниво на целата група ќе остане на сила до крајот на 2026 година. Осумте членки на ОПЕК+ ќе се состанат повторно на 30 ноември, истиот ден кога ќе се одржи и целосниот состанок на ОПЕК+.
ОПЕК+ ја сочинуваат Саудиска Арабија, Русија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Кувајт, Оман, Казахстан и Алжир.