ОПАСНОСТА НЕ ПОМИНА Бајден и Шолц договорија зајакнување на источното крило на НАТО
Русија, пак , како одговор на ова денеска објави видео од повлекување на руските војници по завршената вежба.
Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц разговараа за военото присуство на Русија во близина на границата со Украина и ја истакнаа важноста од зајакнување на источното крило на НАТО во случај на руски напад, соопшти Белата куќа.
Портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт изјави дека двајцата лидери се согласиле дека ситуацијата во Украина треба да се смета за исклучително сериозна бидејќи постои ризик од руска воена агресија.
Потребна е голема претпазливост бидејќи досега нема знаци за значително повлекување на руските сили, заклучија двајцата лидери во телефонски разговор, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт и додаде дека двајцата лидери ја поздравија изјавата на рускиот претседател дека дипломатските напори треба да продолжат.
Белата куќа соопшти дека Бајден и Шолц се осврнале на неодамнешните разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Бајден и Шолц ја потврдија својата посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на источното крило на Алијансата во случај на инвазија од страна на Москва, соопшти Белата куќа.
Русија уште еднаш е повикана да ги смири тензиите во близина на границата со Украина.
Тие се согласија дека е важно да се преземат чекори кон имплементација на мировниот договор од Минск што го склучија Русија, Украина, Франција и Германија во 2015 година и да се постигне напредок преку нормандискиот формат, рече Хебестрејт.
Русија, пак , како одговор на ова денеска објави видео од повлекување на руските војници по завршената вежба.
Актуелната антируска хистерија во САД не им дозволува на американските власти објективно да гледаат на ситуацијата околу Украина, соопшти руската Амбасада во САД.
„Посветивме внимание на изјавите на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, дадени на 16 февруари во интервју за Си-Ен-Ен. Службеникот уште еднаш се обиде да ја обвини Русија за ширење дезинформации за ситуацијата во Украина“, напиша амбасадата на својот Фејсбук профил.
– Очигледно е дека антируската хистерија во САД не им дозволува на американските колеги објективно да гледаат на работите. Самохипнозата за неизбежност на руски напад продолжува – додава амбасадата.
Руската Амбасада го повика американскиот Стејт департмент „да престане да ги поттикнува новинарите со милитаристички бес“ и да се фокусира на вистински важните прашања за постигнување „дипломатско решение на внатрешниот украински конфликт“.