Опасни „интелектуални“ тези за национализмот
Ние толерираме, па дури и поттикнуваме и онакви „анализи“ дека „левицата“ кај нас влече „кон интегрирање на земјата во сојузот на западни демократии“ додека „десницата“ е за статус кво односно дека „десницата“ стои „зад националистичка програма и реторика“, ама „левицата“ е за интегрирано општество? Па тоа нормално ли е, ве молам?
И повторно, фамозната „уредувачка политика“ на некои македонски медиуми смета дека ударна вест во државата е оставката на „претседателката“ на судскиот совет (малите букви се… знаете веќе што!) – партиски испилен лик без еден ден стаж на судија но со неумесна ароганција на целото македонско судство – и со страотна минутажа нѐ малтретираат со тоа што таа и некои слични на неа кажале, мислеле или очекувале, меѓу нив дури и една дуи којашто веќе еднаш ја разреши од таа функција! Но затоа, веста дека петте верски поглавари во земјава потпишале документ со кој се залагаат за активна работа и соработка на запазување на соживотот во земјава ќе биде маргинализирана на две-три споредни минутки, онолку колкушто добива и временската прогноза. Ако не и помалку.
Но затоа, како некаква „компензација“, националистичките „испади“ – за нив секогаш, со умисла, говориме во деминутив, нели – ќе бидат тема на вообичаените „дебатни“ емисии со партиски претставници, кои само ќе ја заокружат сликата за неспособна лицемерна држава којашто во јавноста говори едно а во праксата чини друго. Зашто, повторно, нема друг одговорен, или поодговорен, од партиските врхушки за националистичките беснеења низ (дел од) македонските градови. Секако, не ги заборавам ни верските објекти во чиишто (дали само?) ќошиња клечи и духот на „религиозниот“ национализам, но верските поглавари, барем формално пред јавноста, покажаа дека умеат да одглумат меѓусебно разбирање и единство.
Тезите на некои локални „стручњаци“ дека неодамна манифестираното националистичко дивеење е резултат на „некакво масовно незадоволство од многуте состојби во државата“, на закочениот евроинтегративен процес и слични будалаштини, се само приказни за недоветни мали деца. Но на таквите будалаштини потоа „се лепат“ опасни тези – повторно од „интелектуалните“ клиентелистички крила на бившата коалиција – за некакво/нечие „разбирање за чувствата на нивните сограѓани Македонци“, па дури и онаа уште поотровна теза за трпеливост до некаков „момент кога сфатија дека некој сака да ги претвори во објект на понижување и газење по нивна иднина“! Подрзок и поагресивен национализам, еднаков токму на палењето на македонското знаме, не сме слушнале одамна. А сепак, тоа некој го смета за слобода на говор? Е па тогаш што нѐ чудат случувањата на скопските и прилепските улици? И зарем некој навистина ја прифаќа таа одвратна теза дека само еден дел од младите луѓе во Македонија, само од една етничка припадност, се погодени од застојот во евроинтегративниот процес? А другите – што? Газат по иднината на другите? Токму ваквите потпалувачки флоскули се срцето на национализмот покрај коишто оваа јавност така бегло поминува.
Од друга страна, ние секојдневно поминуваме и покрај десетици видови „скриени“ и навидум „безопасни“ национализми: економски, културни, образовни, здравствени, медиумски, политикантски… национализми и се правиме дека не ги забележуваме. Или навистина не ги забележуваме? Ако е така тогаш нема поголеми морони од нас и ние навистина не заслужуваме држава. Но сите тие национализми некој ги иницирал, ги поттикнува(л), ги поставил на јавната сцена и ги одржува(л) во живот. Па што друго, по ѓаволите, беше – балансерот?! И кој, според локалнион „стручњак“ и сличната му „лева“ клиентела, тука со години покажуваше разбирање и стрпливост?
Се разбира, никако не мислам дека Македонците с(м)е „пелцувани“ од национализам и нема примери на такви изблици и од македонска страна. Но, кои се и какви се тие примери? Каде се, во што се рефлектираат? Во Уставот, во укинувањето на „балансерот“, во Законот за јазиците…? Па дајте, ве молам, бидете сериозни. И зарем национализмот навистина го има само во една македонска партија? Па не баш, поточно – воопшто не. Но, (повторно), ние толерираме, па дури и поттикнуваме и онакви „анализи“ дека „левицата“ кај нас влече „кон интегрирање на земјата во сојузот на западни демократии“ додека „десницата“ е за статус кво односно дека „десницата“ стои „зад националистичка програма и реторика“, ама „левицата“ е за интегрирано општество? Па тоа нормално ли е, ве молам?
И зарем никој не гледа дека со тоа повеќе од половина милион граѓани како од шега се прогласуваат за националисти бидејќи „Резултатите покажаа дека граѓаните на последните избори за претседател на државата и пратеници во Собранието, масовно се определија за националистичките опции. Тоа го разбираат и им лежи на срце!“ (sic!). И уште еднаш: тоа го разбираат и им лежи на срце! Е ова е македонската политичка „наука“ за национализмот, ова се македонските „професури“ стекнувани којзнае каде и којзнае како. И овде веќе одамна не станува збор за прашањето за некаков академски став по однос на национализмот во Македонија, туку за чиста злоупотреба на јавниот простор, за ширење ординарни лаги завиткани во академкска фолија, за уличарски подметнувања и отворени лаги за огромен дел од македонската популација!
Такви сомнабулни егзибиции не можат да се случуваат во нормална држава! И нормална држава тоа не смее да го дозволува. А во сериозни академски средини се пишуваат докторати контра вакви измислици! И како ваквите „стручни“ толкувања (не само) на овој проблем на македонското општество се вртат во еден ист „прогресивен“ круг на неколкумина полуписмени интелектуални приколки на хибридниот режим? И кој кому сега сака да му продава шарена басма за некаква лидерска среедба што ќе го реши национализмот во државава? Тоа ли е капацитетот на новата сдсмовска врхушка?
Зошто никој од локалниве „стручњаци“ кои така здушно праволиниски се занимаваат со македонскиот „национализам не појдат од дефиницијата на национализмот како политика или доктрина на наметнување на интересите на една нација издвоено односно над интересите на други нации во државата и зошто не наведуваат примери за истиот? Каде, што, и кому тоа македонската нација нешто му наметнува? И зошто една етничка заедница во државава толку остро се спротивставува на концептот на граѓанска држава? И има ли пострашен национализам да ги апострофираш македонските проблеми со името, идентитетот, уставот, историјата, јазикот како – „повеќедецениски игри“?
Извор: Теодосиевски уметност