Опаѓа притисокот за тестирање за ковид-19, термини остануваат незакажани
Во анализата за втората и третата недела од декември што ја направило Министерството се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100% повеќе тестови од приватните лаборатории.
Министерството за здравство тврди дека во изминатите денови е намален притисокот за тестирање за ковид-19 преку матичните лекари и дека термини за тестирање остануваат незакажани. Но, од Министерството не објаснуваат дали на сметка на брзите тестови е намален бројот на ПЦР тестирања што ги прави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
– Министерството за здравство располага со доволно тестови и нема недостаток на реагенси за тестирање на граѓани сомнителни на ковид-19, а има и доволно термини како за ПЦР тестирање, така и за тестирање со брзи тестови. Според анализите на закажување преку системот Мој термин, во државните лаборатории во последните недели се забележува намалување на притисокот кон пунктовите во делот на закажувањето, па така доколку во целокупниот изминат период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе беа објавени, сега имаме ситуации кога термини остануваат незакажани, односно веќе државата има можност за спроведување на повеќе тестирања отколку што има оценети пациенти како сомнителни на ковид-19 од страна на матичните лекари во државата – велат од Здравство.
Во анализата за втората и третата недела од декември што ја направило Министерството се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100% повеќе тестови од приватните лаборатории, како и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории, а намалување на тестовите во приватните лаборатории. Во втората недела од декември имало 10.023 државни и 5.834 приватни тестирања, а во третата недела 10.270 државни наспроти 5.337 приватни тестирања, додаваат од Министерството.
Граѓани сведочат дека добиваат лажно негативни резултати на брзите тестови и дека иако имаат симптоми не можат да добијат терапија поради лажно негативен тест. При тоа губат денови од почнувањето на лекувањето додека им се закаже ПЦР тестирање и додека ги добијат резултатите од него. Некои се жалат и дека матичните лекари не сакаат да се потрудат да им најдат термин за ПЦР тестирање. Но, од Здравство ова не го коментираат, туку само ја објаснуваат процедурата за тестирање.
– Брз антигенски тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот ковид-19, не повеќе од 5 дена. Алгоритмот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали истиот ќе се тестира со ПЦР тест или антигенски – брз тест – велат од Министерството.
Денеска после подолго време за прв пат под 1.000 опадна бројот на хоспитализирани пациенти поради компликации од коронавирусот. Во болниците во земјава денеска има 971 пациент. Според дневните статистики, опаѓа и бројот на позитивни пациенти. Вчера бројот на активни случаи изнесуваше 19.572.