📽 ОНТАРИО ЌЕ ИМ ЈА СКРАТИ СТРУЈАТА НА САД СО НАСМЕВКА НА ЛИЦЕТО Канада и Кина брзо одговорија на царините на Трамп
Доколку сакаат да се обидат да го уништат Онтарио, јас ќе направам сè, вклучително и прекинување на нивното снабдување со енергија и ќе го сторам тоа со насмевка на лицето. Тие зависат од нашата енергија, изјави премиерот на Онтарио по царините кои САД ги воведоа за Канада.
Премиерот на Онтарио Даг Форд изјави дека е подготвен да престане да извезува струја во САД „со насмевка на лицето“, објави „Хил“. Неговата изјава доаѓа како одговор на царините од 25% кои американскиот претседател Доналд Трамп ги објави за увоз на својот северен сосед заедно со царини за увозот од Мексико и 20% царини за увозот од Кина.
Премиерот на Онтарио вели дека САД се тие кои зависат од канадската енергија.
– Доколку сакаат да се обидат да го уништат Онтарио, јас ќе направам сè, вклучително и прекинување на нивното снабдување со енергија и ќе го сторам тоа со насмевка на лицето. Тие зависат од нашата енергија. Тие треба да ја почувствуваат болката. Ако сакаат да одат против нас, ние ќе возвратиме двојно посилно – рече Форд на рударски саем во Торонто, објави Торонто Сан.
САД се најголемиот увозник на електрична енергија од Канада. Во текот на 2023 година, Канада извезла 38 милиони мегавати електрична енергија во САД.
Ontario Conservative Premier Doug Ford Just said Canada is prepared to make electricity unaffordable for Americans by cutting off energy supplies to the U.S. in response to Trump’s tariffs:
“I will do anything , including cutting off their energy, with a smile on my face.” pic.twitter.com/DzTWUx5n2A
— PoliticsVideoChannel (@politvidchannel) March 4, 2025
Канада експресно одговори на мерките на Трамп. Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека Отава ќе одговори со итни царини од 25 отсто на американскиот увоз во вредност од 30 милијарди канадски долари (20,7 милијарди американски долари).
Тој претходно рече дека Канада ќе ги таргетира американското пиво, виното, бурбонот, домашните апарати и сокот од портокал од Флорида.
Само со Канада и со Мексико САД имаат увоз вреден 918 милијарди долари.
Коментирајќи ги царините кои ги воведе, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Канада, Мексико и Кина не направиле доволно за да го запрат протокот на смртоносниот опиоид фентанил во САД.
И Кина експресно одговори на наметнатните царини од САД кои изнесуваат 20%. Кина во вторникот соопшти дека следната недела ќе воведе нови царини за низа земјоделски увозни производи од Америка.
Нејзиното Министерство за финансии соопшти дека ќе бидат наметнати дополнителни царини од 15 отсто за пилешко, пченица, пченка и памук, со дополнителни 10 отсто царини за сорго, соја, свинско, говедско месо, водни производи, овошје, зеленчук и млечни производи.