Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека благодарение на рестриктивните мерки, во земјата е спречена катастрофа, каде што најлошото сценарио би било половина милион жртви, и најави дека планира постепено да ги укине карантинските мерки.
– Не е време неделава да се укинат мерките за карантин. Наместо тоа, ќе ги преземеме првите претпазливи чекори за модифицирање на нашите мерки – рече Џонсон во синоќешното телевизиско обраќање.
Од денеска, оние кои не можат да работат од дома, ќе можат да одат на работа, а од среда граѓаните ќе можат да поминат неопределено време надвор ако се придржуваат кон мерките за физичко растојание.
– Може да седите на сонце во локален парк, да се возите, дури и да спортувате, но само со членовите на вашето домаќинство – објасни Џонсон.
Училиштата би можеле повторно да почнат со работа на 1 јуни, а угостителските објекти од јули, во зависност од ситуацијата.
Тој додаде дека луѓето што доаѓаат во Британија со авион, ќе бидат испратени во карантин.
Британскиот премиер рече дека, благодарение на напорите и жртвувањата на сите, националниот здравствен систем бил заштитен и спасени се илјадници животи.
– Би било лудост да отфрлиме сè што постигнавме и да дозволиме уште еден удар. Мора да останеме будни. Мора да продолжиме да го контролираме вирусот и да спасиме животи – рече Џонсон.
Тој најави нов систем за предупредување на ковид-19 за да се следи вирусот. Системот ќе има скала од еден до пет, и колку е повисоко нивото, толку мерките ќе бидат построги. Прво ниво ќе значи дека заразата веќе не е присутна во Велика Британија, а петто ниво е најкритично. За време на карантинскиот период, Велика Британија е во четвртото ниво на тревога, рече Џонсон.