Онлајн услуги за рана интервенција за децата со попреченост и задоцнување во развојот

Платформата е изработена со поддршка од УНИЦЕФ и во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори.

335

УНИЦЕФ и партнерите денес ја промовираа новата веб-платформа Рана интервенција наменета за родители и старатели на деца со задоцнување во развојот и на деца со попреченост на возраст од 0 до 6 години за да им понудат на семејствата пристап до услуги за рана интервенција и онлајн психо-социјална поддршка.

– Платформата за рана интервенција за деца со попреченост е нова, иновативна алатка кај нас што ќе им помогне на семејствата на децата со попреченост и на стручните лица кои работат со нив да го утврдат најдобриот пристап за работа, согласно индивидуалните потреби на детето. Министерството за труд и социјална политика ќе ги следи искуствата од нејзиното користење за да воспостави мултидисциплинарен систем за рана идентификација и рана интервенција, за да осигура дека секое дете ќе има еднакви можности за раст и развој – рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.






Платформата е изработена со поддршка од УНИЦЕФ и во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори и има за цел да им помогне на родителите и старателите да ги разберат клучните развојни показатели во раното детство; да ги препознаат првите знаци на доцнење во развојот и да го стимулираат развојот на детето преку игра и вежби.

Исто така, таа нуди лесен пристап до индивидуализирани стручни насоки и интервенции, вклучувајќи опција родителите да достават онлајн-барање според кое стручни лица од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе извршат проценка на индивидуалните потреби на детето и ќе изработат индивидуален план за развој. Со оваа опција, на родителите, без оглед каде живеат, им се дава пристап до прилагодена и специјализирана поддршка и насоки за стимулирање на вештините, способностите и умешноста на нивното дете.

– Знаеме дека најдобриот начин за поддршка на децата со доцнење во развојот е преку рано откривање и интервенција во раното детство. Со ваков пристап драматично се подобруваат шансите на децата да го достигнат својот целосен потенцијал и функционирање, да имаат поквалитетен живот и да го заземат вистинското место во општеството како возрасни. Затоа, од суштинско значење е со интервенции да се започне што порано, но и да се понудат различни услуги за поддршка на децата со развојни тешкотии. Платформата овозможува иновативен начин за досегање до децата на национално ниво, дури и во подрачја каде услугите не се физички достапни, и ги надополнува вкупните напори на Министерството за здравство да обезбеди услугите за рана интервенција да бидат достапни за сите на кои им се потребни – рече Венко Филипче, министер за здравство.

– Раното детство е период на големи можности за развој на детето, но и период на ранливост. Земајќи во предвид дека децата со попреченост се меѓу најранливите, особено за време на пандемијата со ковид-19, од витално значење е семејствата да имаат пристап до услуги, особено до услуги за поддршка на раниот детски развој – рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„Првиот чекор за вклучување на децата со попреченост во општеството е да се создадат услови за оптимален развој во раното детство.“

Интернет-платформата претставува проширена услуга на Центарот за рани интервенции отворен во Скопје на почетокот од оваа година. Основан со поддршка на УНИЦЕФ и финансиран од Владата на Велика Британија, новиот центар е дел од обидот за проширување.

Поврзани содржини