ОНЛАЈН НАСТАВА ЗА ДЕЦАТА КОИ СЕ НА БОЛЕДУВАЊЕ ПОДОЛГО ОД ТРИ НЕДЕЛИ Новиот систем дава резултати
Исправивме една голема неправда од минатото и спречуваме еден облик на дискриминација да се провлекува во иднината – рече министерата Јаневска.
Учениците кои отсуствуваат од настава подолго од три недели, затоа што се на болничко лекување, можат да го продолжат образованието преку онлајн вклучување во наставата во реално време во својот клас, да ги користат доставените материјали и задачи од наставникот или пак, наставникот да организира индивидуална настава во зависност од состојбата на ученикот, по прилагодена наставна програма на таквата состојба и за тоа да се користат постојни дигитални алатки.
За ова ново системско решение, кое стартуваше од почетокот на оваа учебна година, на денешната панел-дискусија говореа министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и Милка Тримчевска – директорка на Бирото за развој на образованието.
– Исправивме една голема неправда од минатото и спречуваме еден облик на дискриминација да се провлекува во иднината. За да може да се реализира наставата, спроведовме обуки за над 160 наставници во 83 училишта. Подготвивме и прирачник за наставници со јасни инструкции како да ги вклучуваат децата во настава, преку која форма, како да водат педагошка евиденција, да го проверуваат знаењето на учениците. Според сите информации кои ги добивам од училиштата, од наставниците и родителите, ова решение одлично функционира – посочи министерката Јаневска.
Изминатите четири месеци, на ваков начин триесетина деца биле вклучени во настава.
– Секогаш ќе има деца кои ќе се соочуваат со здравствени предизвици и ниту едно не смее да биде изолирано од настава. Затоа е важно да бидат информирани за можноста, а наставниците се тие што треба први да ги запознаат дека физичкото отсуство од училница не значи и застој во образованието. Изготвивме и брошура наменета и за ученици и за родители за да се запознаат со оваа можност – укажа Јаневска.