Онлајн Филозофски филмски фестивал од 21 до 31 мај

Селекцијата од 20-ина кратки остварувања од целиот свет се по избор на Дејан Здравков. Победникот ќе ја добие наградата (статуетка) „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда.

282

Од 21 до 31 мај онлајн ќе се одржува 10. Филозофски филмски фестивал со наслов „Пролетни онлајн миграции“ во организација на Филозофското друштво на Македонија, Кинотеката и македонската VoD платформа Cinesquare, со поддршка на Град Скопје. Целосната програма на ФФФ со учество на домашни и странски гости ќе продолжи наесен.

Ревијално онлајн ќе бидат прикажани неколку краткометражни, среднометражни (првпат на Фестивалот) и долгометражни (документарни) филмови, а електронски ќе биде достапен темат „Филозофија и филм“ на националното списание „Филозофска трибина“.






Селекцијата од 20-ина кратки остварувања од целиот свет се по избор на Дејан Здравков. Победникот ќе ја добие наградата (статуетка) „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда.

На еден од филмовите жирито ќе му додели и плакета за новооснованата награда „Стефан Сидовски-Сидо“ во чест на професорот, филозоф и филмофил, кој беше соработник на овој фестивал од неговите почетоци.

– „Онлајн миграции“ се замислени како солидарна културна акција на креативен отпор кон ограничениот пристап на идејно профилирани културни содржини оваа пролет, но и недостапноста на културата на граѓаните поради влошената економска состојба. Оттука, фестивалската програма на Cinesquare ќе биде достапна бесплатно и со поддршка на работата на режисерите коишто, исто така, се силно погодени од коронакризата. Првпат ќе биде доделена парична награда за победникот во Селекцијата на краткометражни филмови – наведуваат организаторите на ФФФ.

Покрај филмови, преку различни социјални платформи ќе бидат организирани повеќе активности. Останатата програма на ФФФ (Официјална селекција на долгометражни филмови, Ревијална програма „Филм-философија“, Меѓународна конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот) ќе се одржи наесен со учество на домашни и странски гости.

Поврзани содржини