ОМИКРОН БЕСНЕЕ, СВЕТОТ „ОЛАБАВУВА“ Македонија пак на шестото место по смртност на милион жители

Дури и Австрија реши да го укине локдаунот за невакцинираните, а Полска размислува за „нова стратегија“. Германија уште строго се бори со короната, а во Париз изби скандал во однос на тоа дали оние кои одбиваат вакцина треба да продолжат да добиваат државно здравство. Во срцето на Европа во Брисел, над 50.000 Белгијци протестираат против мерките. Насилство има и во Канада, каде камионџиите заедно со некои полицајци најавуваат големи демонстрации.

1,244

Македонија останува на шестото место во светот по смртност на милион жители, во друштво на Црна Гора, Босна и Бугарија, која е на второто место после Перу. Светот има рекордни 3,4 милиони новозаразени за едно деноноќие, а над 10.000 луѓе починале. Од почетокот на пандемијата се заразиле 360 милиони, а 5,6 милиони починати, велат бројките од Светската здравствена организација.

Но, и покрај тоа што омикрон-сојот ги урива досегашните рекорди на заразеност некои европски земји навистина се „опуштаат“. Британија, Шпанија и Португалија веќе ги симнуваат маските и поголемите ковид-рестрикции, во надеж дека пролетниот бран ќе биде последен во кој „природниот“ имунитет ќе надвладее и вирусот ќе стане како обичен грип. Сепак, тоа се земји кои се приближуваат до посакуваната вакцинираност од 80 отсто, за разлика од Македонија каде процентот се движи околу 40 отсто.






Дури и Австрија реши да го укине локдаунот за невакцинираните, а Полска размислува за „нова стратегија“. Германија уште строго се бори со короната, а во Париз изби скандал во однос на тоа дали оние кои одбиваат вакцина треба да продолжат да добиваат државно здравство. Во срцето на Европа во Брисел, над 50.000 Белгијци протестираат против мерките. Насилство има и во Канада, каде камионџиите заедно со некои полицајци најавуваат големи демонстрации.

Што од мерките треба да биде укинато? Епидемиолозите имаат различни мислења. Сите велат дека доаѓа крајот, но не баш. Можно е да има нови соеви. Таков е и новиот БА. 2 кој веќе прошетал во над 40 земји.

А, еве како различните земји се справуваат со вирусот.

Италија

Во Италија, бројот на дневни случаи на ковид-19 паѓа шест последователни дена, бидејќи здравствените власти во земјата ги зајакнаа своите антивирусни мерки во последните недели, во обид да го задржат ширењето на варијантата омикрон. Сепак, земјата се спрема за олабавување.

– Како што забележа и Светската здравствена организација, се приближуваме до врвот на инфекции. После тоа, ќе мора да ги приспособиме нашите правила и нашиот модел на новата фаза на пандемијата со која се соочуваме – признава италијанскиот министерот за здравство Роберто Сперанза.

Хрватска

Во Хрватска на референдум со популарни потписи се бара укинување на сертификатот за имунизација против ковид-19. Според предлагачите, целта е да се укинат дискриминаторските нелогични потврди за вакцинација, како и да се спречи малтретирање на граѓаните и преоптоварување на здравствениот систем во земјата.

Финска

Финска ќе почне постепено да ги ублажува ограничувањата наметнати поради ковид-19 веќе на 1 февруари наместо во средината на февруари, како што беше првично планирано, во услови на забележано растоварување на болничкиот систем, соопшти синоќа Владата. Работното време ќе се врати до 21, наместо до 18 часот, а ќе бидат отворени јавните објекти.

Финска има само 1.919 смртни случаи, а население од 5,5 милиони жители.

Франција

Шефот на болничкиот систем во Париз предизвика жестока дебата за тоа дали луѓето кои одбиваат да се вакцинираат против ковид-19 треба да продолжат да добиваат бесплатно болничко лекување, јавија француските медиуми. На ова се побунија десничарите, а не се согласи на градоначалничката Ан Идалго.

Францускиот здравствен систем го покрива лекувањето на сите пациенти примени на одделенијата за интензивна нега, при што трошоците за еден ден престој во такво одделение се проценуваат на 3.000 евра, а третманот обично трае од една недела до десет дена.

фото: pixabay.com

Полска

Учениците од петто одделени и погорните класови во Полска се враќаат на учење од далечина откако земјата објави рекорден пораст на случаи на новозаразени со коронавирус, втор ден по ред. Во изминатите 24 часа бројот на заболени е зголемен за 57.659, соопшти Министерството за здравство. Во истиот период во Полска, која има 38 милиони жители, починале 262 лица.

Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц се изјасни против олабавувањето на мерките за контрола на пандемијата, бидејќи инфекциите со ковид-19 во Германија продолжуваат да растат и достигнаа нов рекорд оваа недела.

– Секако дека не е соодветно да се релаксираат правилата општо среде бранот омикрон. Не ни треба корекција на курсот – рече Шолц.

И покрај тоа, Германија има 60 милијарди евра во буџетот наменети за короната, кои ќе ги пренамени за инвестирање во зелена енергија и дигитализација. Оваа одлука на Бундестагот беше осудена од опозицијата.

Канада

Премиерот на Канада Џастин Трудо се изолирал откако дознал дека бил во контакт со лице заразено со ковид-19. Информацијата ја објави Трудо на својот Твитер профил. Во државата има над 250 илјади активни случаи на заразени. Со две дози е вакцинирано 87 отсто од населението во Канада.

Во меѓувреме, конвој камионџии што треба да дојдат во Отава во знак на протест против вакцинацијата за возачи кои преминуваат граница ја поттикна канадската полиција да се подготви за можно насилство. Се смета дека и дел од полицајците се на страната на камионџиите.

Холандија

Во Холандија, има сè поголеми повици за олеснување на ограничувањата за рестораните и културните места, без разлика што новите инфекции со ковид-19 достигнаа рекордно ниво во последните денови.

Според холандската индустрија за ресторани и угостителство, ограничувањето на секторот нема да ја постигне целта за потчинување на пандемијата, туку ќе го отежне одржувањето на рестораните и баровите.

Какви се вкупните бројки во светот?

Сајтот worldometers.com нуди и вкупни бројки по земја. Тоа е бројот на случаи кои го пријавила земјата.

Па така, по новозаразени, САД пријавиле 71.812.665 лица, потоа Индија (40.371.500), Бразил (24.311.317), Франција (17.252.793) и Велика Британија (16.149.323).

САД пријавиле и најголем број смртни случаи – 866.039, следат Бразил (623.843) и Индија (491.700), Русија (328.770) и Мексико (303.776).

Оваа статистика е различна од бројката смртност и новозаразени мерено на 1 милион жители, според која Перу е на прво, а Македонија на шесто место во светот.

Поврзани содржини