ОМАЛОВАЖУВАЊЕТО НА НАТО Е НЕПРИФАТЛИВО Мелони со остар одговор на критиките на Трамп
Италијанската премиерка Џорџа Мелони побара почит од Доналд Трамп по неговите изјави со кои се омаловажува улогата на НАТО во Авганистан.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, близок сојузник на Доналд Трамп, вчера ја изрази својата „запрепастеност“ и побара „почитување“ од американскиот претседател по неговите изјави со кои ја омаловажи улогата на сојузничките сили на НАТО во Авганистан.
– Италијанската влада со запрепастеност дозна за изјавите на претседателот Трамп дека сојузниците во НАТО биле ‘оставени позади’ за време на операциите во Авганистан – рече Мелони во официјално соопштение.
Таа нагласи дека Италија и Соединетите Американски Држави ги поврзува силно пријателство, кое, како што рече, е уште понеопходно во време на бројни глобални предизвици.
– Но, пријателството бара почит – фундаментален услов за продолжување на солидарноста што е темел на Атлантската алијанса – додаде Мелони.
Во интервју за „Фокс њуз“ во четвртокот, Трамп ја критикуваше улогата на другите земји-членки на НАТО за време на 20-годишниот конфликт во Авганистан, тврдејќи дека тие „останале настрана од линијата на фронтот“ и дека на САД „никогаш не им биле потребни“.
Мелони потсети дека по терористичките напади на 11 септември 2001 година, НАТО за прв и единствен пат во својата историја го активираше Членот 5 – чин на вонредна солидарност со САД.
– Италија веднаш застана рамо до рамо со своите сојузници, распоредувајќи илјадници војници и преземајќи целосна одговорност за Западната регионална команда, една од најважните оперативни области на меѓународната мисија – истакна таа.
Премиерката ја нагласи и високата цена што ја плати Италија за време на мисијата.
– 53 италијански војници ги загубија животите, а повеќе од 700 беа ранети во борбени операции, безбедносни мисии и програми за обука на авганистанските сили Затоа, изјавите што го минимизираат придонесот на земјите од НАТО во Авганистан се неприфатливи, особено кога доаѓаат од земја-сојузник – заклучи Мелони.
Претходно истиот ден, на изјавите на Трамп реагираа и шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани и министерот за одбрана Гвидо Кросето.
– Во однос на посветеноста на Италија, учеството на нејзините вооружени сили, нивните вредности и жртви, не можеме и нема да прифатиме површни и погрешни анализи. Од никого – напиша Кросето на социјалната мрежа „X“.