ОЛИМПИСКИ ШАМПИОН ПОЧИНА ОД КОРОНА Иако бил против, сепак задоцнил со вакцината
Силвестер ги почувствувал симптомите на коронавирусот во ноември, набрзо бил префрлен во болница и ставен на респиратор, а по неколкунеделна борба не успеал да го победи вирусот.
Поранешниот олимписки шампион Силвестер Чолани (51) почина во болница во Будимпешта од последиците на коронавирусот. Унгарскиот гимнастичар освои златен медал во дисциплината кругови во Сиднеј, откако четири години претходно го освои сребрениот медал во истата дисциплина во Атланта.
На својата голема кариера во 2002 година во истата дисциплина додаде светско злато, а и по пензионирањето остана во спортот и работеше како тренер во гимнастичките училишта во Унгарија, Австрија и Исланд.
Силвестер ги почувствувал симптомите на коронавирусот во ноември, набрзо бил префрлен во болница и ставен на респиратор, а по неколкунеделна борба не успеал да го победи вирусот.
Според информациите кои пристигнуваат од Унгарија, Чолани бил против вакцинација и често на социјалните мрежи споделувал ставови со луѓе кои не сакаат да се вакцинираат. Сепак, тој ја примил вакцината за да може да ја продолжи тренерската кариера, но веќе било доцна …
Силвестер ја примил вакцината дури на крајот на претходната година, па не биле создадени доволно антитела за да се бори против короната. Поради тоа само неколку дена подоцна бил позитивен, а следела борбата со вирусот при што завршил на респиратор.
Поранешниот унгарски гимнастичар и еден од најдобрите на сите времиња во својата дисциплина почина во болница во Будимпешта, каде што беше хоспитализиран последните недели.
Силвестер Чолани двапати беше најдобар спортист во Унгарија во својата богата кариера, имаше два медали од Олимписките игри (злато и сребро) и шест медали од Светските првенства (златен и пет сребрени). Беше и повеќекратен освојувач на медали на ЕП, а од него со порака на социјалните мрежи се прости и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.