Премиерот Зоран Заев го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.
Заев, како што соопшти владината прес-служба, му честитал на сребрениот олимпиец Георгиевски и со внимание се запозна со искуството на младиот спортист од настапот на олимписката спортска арена во Токио.
![]()
На средбата, премиерот Заев му се заблагодарил на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакнал дека тој е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.
За време на разговорот нагласил дека успехот на Георгиевски е поттик за Агенцијата за млади и спорт да ги унапреди условите за развој на теквондото и другите олимписки дисциплини за кои постои широк интерес меѓу младите.
Владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од Владата и 600.000 денари од Агенцијата за млади и спорт.