ОЛИ, СПАСИ МЕ! Ќе гледаме ли уште една епизода од теленовелата „Заев, врати се“?
Има неколку сценарија како Заев да се задржи на чело на СДСМ. Расположение на Бихаќка за тоа има, прашање е само дали тој уште сака да се бламира или сепак ќе докаже дека зборот си е збор.
Нема да биде изненадување ако на утрешната седница на раководството на СДСМ видиме уште една епизода од теленовелата „Заев, врати се“. Ова го тврдат извори од Бихаќка, иако истите потврдуваат дека Зоран Заев е конечно решен вторник 23 ноември да биде датумот кога ќе ја ефектуира својата оставка од лидерската позиција во партијата.
Повод за најновите шпекулации се денешните изјави на двајца блиски соработници на Заев – Оливер Спасовски и Љупчо Николовски.
Потпретседателот на партијата, Оливер Спасовски, најавува дека оставката на Заев можеби нема да биде прифатена, а можно е по втор пат да биде одложена. Ден пред клучната седница на Бихаќка, тој изјави дека Заев е „сврзното ткиво“ што ги обединува силите и структурите и во партијата и во коалицијата.
И актуелниот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој претходно најави дека си заминува заедно со Заев, сега вели дека не е заинтересиран да се кандидира за фотелјата на својот шеф.
Според статутот на СДСМ, предвремените внатрепартиски избори мора да се распишат во рок од 15 дена од крајот на мандатот на лидерот на партијата. Не е до крај јасно што се случува ако Извршниот одбор на партијата одбие да донесе одлука за распишување на предвремени избори во партијата.
Второ сценарио, како што се дознава, е предвремените избори во партијата сепак да се распишат, но никој да не се кандидира, по што Заев „на бел коњ“ би се вратил на челното место.
Неизвесно е како на овие сценарија гледа самиот Заев. Изворите брифираат дека тој веќе не сака да се бламира со одлагање на неговите оставки, а тоа се виде и од неговата последна изјава, во која повтори дека зборот сепак си е збор.
На средбата со коалицискиот партнер Африм Гаши, Заев се појави во друштво на членот на Извршниот одбор Димитар Ковачевски, за кого медиумите шпекулираа дека е најверојатниот нов иден лидер на СДСМ.