ЃОКОВИЌ НАВЕСТИ СО ШТО БИ СЕ ЗАНИМАВАЛ ПО ПЕНЗИОНИРАЊЕТО Здравиот живот и исхраната се широко поле за нов ангажман
Ги сакам спортовите и ќе ги играм целиот мој живот, клучно е човек да биде активен. Од друга страна, ми треба предизвик. Тенисот е голем дел од мојот живот, но имам и различни интереси: благосостојбата е моја страст, здравиот живот, а тоа е широко поле, рече тенискиот ас во поткастот на Џеј Шети.
Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ ова лето за првпат ги отвори картите за својата пензија. Иако уште не го кажал судбоносното „збогум“, Ѓоковиќ во поткаст кај познатиот Џеј Шети на 25 август призна дека чувствува дека се ближи крајот, но и дека не планира да замине без достоинствена борба.
Сака да остане во игра сè додека има сила да се натпреварува со најдобрите, но не по секоја цена.
Наспроти стравувањата дека со неговото повлекување ќе згасне една цела епоха, српскиот ас е решен да остане поврзан со тенисот. Дури и кога ќе ги остави рекетите, нема целосно да се повлече од спортот што му го одбележа животот.
– Секогаш се обидував да размислувам за работи надвор од тенисот, особено во последните 12-15 години. Слушнав и од тенисерите и од другите спортисти за менталната борба што ја имале по завршувањето на кариерата, особено доколку не биле подготвени за таа транзиција. Не мислам дека може целосно да се подготвите за тоа. Да, ќе биде тажен ден за мене кога ќе го напуштам тенисот, ќе биде многу емотивно, го знам тоа, но она за што зборувам е адреналинот што го носи спортот – мора да се пренасочи, да се канализира поинаку – рече Ѓоковиќ во поткастот на Џеј Шети.
Ѓоковиќ вели дека би сакал човештвото да го следи неговиот пример за дисциплиниран животен стил. Тој ветува дека ќе остане посветен на тенисот додека не ѝ стави крај на, веројатно, најголемата кариера во историјата на овој спорт.
– Ги сакам спортовите и ќе ги играм целиот мој живот, клучно е човек да биде активен. Од друга страна, ми треба предизвик. Тенисот е голем дел од мојот живот, но имам и различни интереси: благосостојбата е моја страст, здравиот живот, а тоа е широко поле. Хидратација, исхрана, вежбање, сон – би сакал светот да биде поздрав. Малите чекори во таа насока се вредни и имаат ефект. Дури и некои спортисти не ја разбираат важноста на хидратацијата. Не е само водата туку и минералите, разните додатоци итн. Најдобро е сè да се внесува преку храната, но не е можно сè – додаде Новак.