ОКОЛУ 300 СВЕДОЦИ ИМА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Тошковски очекува во разумен рок да се поднесе обвинителен акт

Во случајот се вклучени 11 обвинители, собрани се огромен број докази, мора да покажеме дека државата има капацитети да одговори соодветно, рече Тошковски синоќа во интервју за телевизија „Алфа“.

222

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски верува дека за разумно време јавноста ќе биде сведок на целосно разоткривање на случајот со трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 61 лице, а околу 200 беа повредени.

Тошковски очекува дека Обвинителството во разумен рок ќе поднесе обвинителен акт.






– Според последните информации, 11 обвинители се вклучени во случајот. Има собрано огромен број докази, има и потенцијални сведоци, над 250-300 луѓе кои можеби ќе бидат сослушани. Со овој случај мора да покажеме дека државата има капацитети да одговори соодветно – рече Тошковски синоќа во интервју за телевизија „Алфа“.

Тој вели дека има разлика како се постапува сега во однос на претходните години затоа што за трите поголеми случаи како Ласкарци, Модуларната болница во Тетово и запалениот автобус во Бугарија немало поднесено ниту една пријава од страна на МВР, ниту пак бил извршен претрес, за разлика од сегашните кривични пријави што се поднесени за случајот во Кочани.

Во однос на барањата од опозицијата да си поднесе оставка од функцијата, Тошковски вели дека чувствува морална одговорност, но дека чувствува уште поголема одговорност да се расчисти случајот до крај.

Во однос на изјавата на заменик-министерот за правда Ален Деребан за „Гласот на Америка“ дека во брзо време ќе биде лишен од слобода поранешниот вицепремиер Артан Груби кој е во бегство надвор од државата, министерот Тошковски рече дека досега нема официјална потврда дека е лоцирано такво лице.

Поврзани содржини