ОКОЛУ 140 ЛУЃЕ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА НЕ ЗЕЛЕ ПЛАТА 2 МЕСЕЦА Бараат трајно вработување, директорот вели дека се чека одобрение од Финансии
Сме добиле одобрување од Министерство за здравство да се продолжат договорите од трети месец до 12 месец. Од Финансии уште не сме добиле, правиме напори, чекаме уште да добиеме одобрение, рече директорот на болницата Агим Бериша.
Неколку десетици лица ангажирани со договори за дело во Клиничката болница Тетово во кругот на установата одржаа протест поради неисплатени хонорари и поради тоа што не добиле нови договори. Според нив, станува збор за над 140 луѓе кои се ангажирани како медицински сестри и техничари, болничари и администрација, кои веќе трет месец очекуваат да добијат нов договор на дело, како и исплата на хонорари за два месеца. Тие бараат трајно решение, односно вработување на неопределено време.
– Нашите барања се да ни се даде ветеното. Јас работам шест години со договор на дело, а има колешки што се и повеќе од десет години. И претходната Влада и оваа Влада ни ветуваат решенија, но нема. Два месеца сме без плата, немаме договори. Мислам дека вредно работиме, и самите пациенти и колеги знаат и нѐ поддржуваат. Немаме веќе трпение – истакнаа медицинските сестри и другите ангажирани лица.
Тие велат дека постојано се во очекување на трајно решение.
– Работиме со договор на дело без здравствено осигурување и без стаж, со прекини, договорите се некогаш на два, некогаш на шест месеци, договорите не ни биле преку целата година. Овде сме околу 140 луѓе, медицински персонал, медицински сестри, болничари, администратори – истакнаа медицинските лица на протестот.
Групата која се собра пред Ургентниот центар се упати кон административната зграда на разговор со директорот Агим Бериша. Тој прими тројца претставници на кои им образложи дека чека одобрение од Министерството за финансии.
– Ние како Клиничка болница инсистираме да се реши вашиот случај. Само што не е до нас, ние сме побарале да ни одобрат од Министерство за финансии. Сме добиле одобрување од Министерство за здравство да се продолжат договорите од трети месец до 12 месец. Од Финансии уште не сме добиле, правиме напори, чекаме уште да добиеме одобрение така што ќе бидете на време исплатени – истакна Агим Бериша пред медицинските сестри и медиумите.
Според директорот, во Владата се прават напори да се најде начин сите лица ангажирани со договор на дело да добијат и вработување на неопределено време.