Музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ за вечерва го носи концертот 4 пијана „Бах за Вас“ во изведба на уметници од Камерниот оркестар „Чешки виртуози“ со уметниците Ема Једличка – Гогова, Хелена Сухарова, Сара Медкова и Лукаш Клански.
Камерниот оркестар „Чешки виртуози“ под уметничкото раководство на Карел Прохазка ја започнува концертната кариера пред повеќе од 20 години.
Од тогаш па до денес имаат остварено преку 800 концертни настапи на кои изведувале музика од различни епохи- од барок па се’ до современа музика, и тоа: симфониски дела, духовна, музика и оперски дела.
На концертите во Виенската концертна сала, или пак во дворецот Шонбрун, најчесто се претставуваат со дела од Моцарт, но поради нивната разнообразна програмска определеност често се канети да настапуваат на фестивали во Холандија, Италија и Шпанија.
Настапиле на Деновите на Чешка музика во Дижон во 2015 година, а оствариле и три концертни турнеи во Јапонија во 2003, 2010 и 2011 година. Членови на оркестарот меѓу другото се и концерт мајсторите и солистите на оркестарот на операта „Јаначек“ , како и на Филхармонискиот оркестар во Брно.
Настапуваат со бројни чешки и меѓународно етаблирани солисти како виолинистката Естер Ју и вокалните солисти Милагрос Побладор и Наталија Ушакова под диригентската палка на реномирани чешки диригенти. Овој камерен состав има снимено повеќе ЦД-а, а последното кое е издадено минатата година е нивна соработка со белгискиот диригент Ерик Ледерхандлер.