Охридските акцијаши се „подмладија” со 75-годишниот Јошка Броз, внук на Тито
„Само заедно можеме да направиме нешто повеќе и додека сме на таа линија, сите поранешни југословенски републики ќе одат напред“, рече Јошка Броз, на импозантниот собир на младите акцијаши од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.
„Таму каде што е младоста, таму се и резултатите и успесите. Или, како што велеше мојот дедо: Земја со активна младина, не треба да се плаши за својата иднина“.
Со овие зборови, синоќа, на импозантниот собир на младите акцијаши од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, им се обрати тазе примениот член во нивните редови, 75-годишниот Јошка – Јосип Броз.

Јошка е внук на Јосип Броз Тито, легендарниот воин и антифашист од Втората светска војна, градителот и доживотен претседател на југословенската федерација. Јошка е е син на Жарко, од првиот брак на Тито со Русинката Пелагија Бјелосова, која родила три деца – Хинка, Златица и Жарко, кој единствено преживеал.
Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид синоќа се всели во пространа просторија во новоизградениот комплекс Градски пазар, прославувајќи, истовремено, 9 години од формирањето на оваа исклучително активна организација, која со децении наназад остава длабок печат и белег во живеењето во Охрид, но и пошироко.
Гостин на свеченоста беше и „маршалот” Војче Китаноски, пријател и следбеник на охридските акцијаши. Тој, облечен во маршалска униформа и со „очилата на Тито”, е лика и прилика на вистинскиот маршал Тито.
Присутните се потсетија на големиот југословенски лидер, кој, заедно со Черчил, Рузвелт и Сталин, го понесе најголемиот товар во поразот на хитлеровата фашистичка солдатестка на овие простори. Во Црна Гора, од главнината на две заробени италијански дивизии, тој ги формираше дивизиите Гарибалди, додека на поразената Бугарија ѝ овозможи да го испере срамот за злоделата на нејзината фашистичка армија, дозволувајќи да учествува во завршните операции.
„Водачот на југословенските партизани Тито, за целото време на војната, врзуваше на југословенските простори 15 германски и уште 5 бугарски завојувачки дивизии, со што ја олеснуваше положбата на сојузниците во Европа, Африка и Азија” – пишува во своите мемоари Винстон Черчил.
Дека Черчил навистина имал доверба и пиетет кон Тито, говори фактот што својот син Рандолф, член на парламентот, го испратил во британската мисија во Врховниоит штаб на Тито. Заедно со бригадниот генерал Фицрој Меклин, ранет од иста бомба, како и Тито:
„Престар сум и предебел за да можам да дојдам кај тебе скокајќи со падобран, топло те молам да го поздравиш син ми Рандолф, ако е во твоја близина”, пишува Черчил.
За овие и други детаљи за својот дедо, младите бригадири од Охрид и гостите ги потсети Јошка Броз, единствениот покрај лекарите, кој бил присутен на последните мигови од животот на Тито во Клиничкиот центар во Љубљана.
– Тие кои ги имаат со себе младите не можат да пропаднат. Најубаво беше тоа поранешно време, кога сите бевме исти. Мојата сестра беше на работка акција и се омажи таму. Чест е навистина да се биде дел од ваков клуб. Мило ми е што сум тука и да гледам толку млади лица на кои останува светот. Само заедно можеме да направиме нешто повеќе и додека сме на таа линија, сите поранешни југословенски републики ќе одат напред – рече синоќа Јошка Броз, инаку и самиот акцијаш, на работната акција во Колашин, Црна Гора.
Јошка Броз и денес се декларира како Југословен, додека во обраќањето не заборави да го поздрави македонскиот народ, со напомена дека „Брег на младоста“ е „најсилната ваква организација на овие простори, затоа што имаат и најголем број млади членови”.
Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид своите корени ги влече од 1984 година, кога во Охрид беше организирана истоимната работна акција. Стотици учесници беа сместени во Младинскиот центар, на брегот на езерото. Тие, меѓу другото, работеа на пошумување на косините на патните правци Охрид – Битола и Охрид – Скопје, додека командант на акцијата беше Бранко Азески, “Титов омладинец”, претседател на Сојузната младинска организација во Белград, денес претседател на Стопанската комора на Македонија. Неможноста за лично присуство, ја покри неговиот син, нашиот колега и докторант по историски науки на Универзитетот во Белград, Дејан Азески.
Врз споменот и корените од 1984 година, Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, во оваа форма, делува од 9 јуни 2012 година. Претседателот Зоран Стевоски потсети дека на основачкото собрание биле присутни 120 лица кои донеле одлука за учество на работна акција во Краљево, Србија, каде била неопходна помош за населението кое живеело во областа зафатена од катастрофални поплави, но и одлуки за многу други значајни иницијативи и акции.

– Учествувавме и на работната акција во Скопје во 2016 година, кога градот беше зафатен од големи поплави во Стајковсци, Синѓелиќ и Економија. Една година подоцна бевме дел од најмасовната акција за чистење на брегот на езерото и самото Охридско Езеро со 100 акцијаши. „Мој Охрид, чист Охрид“. Оваа година учествувавме во две локални акции за расчистување на брегот на езерото. Надвор од земјата, два пати во Краљево, Србија – после полави и после пожарот на манастир Жича, потоа на Акцијашките средби во Лопаре, БиХ, додека од Нови Пазар се вративме со освоено прво место, како што тоа го направивме и во 2018 година, на работната акција „Скопје на нашите дланки“, по повд 55 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година -напомена Стевоски.
Тој додаде дека достојно го презентирале Охрид, кога биле домаќини, но уште подостоинствено кога патувале надвор, низ Македонија и Балканот. Остваруваат комуникација со четириесетина исти, или, сличлни клубови од Балканот и Европа и се дел од “Декларацијата и Заедничката платформа за афирмација на акцијаштвото, волонтерството и заедничкиот дух”, потпишана токму во Охрид во 2013 година.
Денес, во орбитата на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид се 200 млади и 100 ветерани. Најуспешните групи, од најмалите “Пчелички” па нагоре, како и поединци, синоќа добија дипломи за својата докажана активност.