Охрид може без автохтон министер/ка, но не може со „увоз“ на културни дејци!?
Огромна е, непремостлива е разликата, да си министер охриѓанец и културен деец охриѓанец. Ако не беше така, не ќе беше и Охридско лето, такво какво што го знаевме. За нас Охридско лето, беше првиот културен прозорец кон Македонија и од Македонија, зашто фестивалот се доживуваше како таков и се рангираше на југословенско ниво, заедно со Сплитскиот и со Дубровничките летни игри.
Левичарот социјалдемократ со сите нишани во мене и со мене, 2006-та, „ничим изазван и упитан“ (!) добив понуда од политичкиот волк (и лисец-истовремено), да заседнам во една од министерските фотељи, во влада, чие гро го правеа персони од конзервативната десница, макар што кај нас, малкумина истрајуваме на условеноста на ваквата определба.
Кај нас нема, барем во практиката, левица и десница. Има само: ЛЕВА РАКА – ДЕСЕН ЏЕБ!?
Нејсе, не можам да кажам дека не бев поласкан, како што и подоцна (откако се виде зошто била намерата пратеничкото столче да ми го сменат со министерско!?), со навреда ја примив понудата од „само“ 300.000 еврулиња, или амбасадорско место – само и само да се потргнам од пратеничките клупи!!!
Ја знаете веќе онаа сторија од собраниската говорница: „Веле не е Марадона!“
Се обидов, да влијаам и кај потпретседателот на нашата Паца (еден првоборец од моја Дебрца бил ставен на искушение да бира: Паца (Партијата) или Маца (преубавата Марија), професор од битолскиот Универзитет да не прифаќа потпретседателско (икeбана!) место во Владата, кога веќе има, асли потпретседателско место во Парламентот. Не ме послуша, подоцна се каеше. Ама, после онаа работа, нема каење!
Ако се фатев на јадицата за владин ресор, најверојатно ќе го побарав оној за култура. Но, ете, одолеав. Зошто и како знае Жоро (денешниот заменик – министер за локална самоуправа), кој ми даде доверба (се разбира со знаење на Николче Младенов), да си подготвам самиот прашања, се разбира и одговори (што би рекле охриѓани: сам си пее Ѓоче сам си свири!) и на насловната страница, со портрет, и на уште неколку страници внатре во „Фокус“, да ја распредам приказната.
Во Радовиш беше организирано судење – пред судот на Паца. Првообвинителот беше ти ги пресликал страниците од „Фокус“, ги поделил на претседателите од Четвртата изборна единица, парницата можеше да почне. Еве вели, што би рекол Черчил, ти му даваш функција, а тој ти враќа со зло. Ако, вели, гледа Господ! Бара помош од поротата –МОЛК!
Ајде, да мине, процесов (Кафкијански) само со молк, земам јас збор. Лошо си го разбрал Черчила, му велам, ако воопшто си го читал. Ако навистина вака си го разбрал, тогаш самиот си ги помокал чевлите! Черчил, навистина имал еден во владата кој стрчел, навистина гавазите му велеле да го отстрани, ама тој им одгворил: ако, нека седи во владава и нека моча одвнатре – нанадвор! Ако моча однадвор нанатре, на сите ќе ни ги помока чевлите!
Е, сега, да му се вратиме на насловот. Охрид досега имал двајца министри за култура. Академик Цветан Грозданов, врвен авторитет на Балканите и по Европа за византологија, и актуелната министерка Ирена Стефоска. За Цветана знам и дадов опис, за нејзе не знам опис, освен дека е универзитетски професор, што, се разбира, не е малку.
Како и да е, ниту јас, ниту охриѓани, сме го запаметиле Цветана Грозданов, мој прв комшија – почитуван и почитувач, по министерлакот, туку по Света Софија, по конзервацијата на фреските, по многу нешта – Цветан е еден од симболите на Охрид.
И тогаш и сега сметам дека на Охрид не му треба, автохтон или автентичен министер за култура, туку му требаат автентични дејци од културата. Како што во сферата на информирањето, на Охрид, му требаат автохтони, изградени личности и известувачи, а не уредници. Зашто имало и ќе има – уредници и уредници (!?). Имаше еден во „Нова Македонија“, од времето на Панде Колемишески. Ако ние известевме дека на, ете си кој, било пукано со три куршуми, отпечатокот (уредништвото!) беше – со четири куршуми!
Или, уште подрастичен пример: во Њујорк, во „Метрополитен музејот“ (лично сум го разгледувал, затоа и да сакам не би погрешил!), беше отворена изложба на монументални икони од средниот век, од Охридската галерија, равна на Синајската и Третјаковската. Двете дописнички од Охрид, координирано известија дека „изложбата е отворена во Митрополијата во Њујорк!“, а двете телевизии со национални концесии, ја повторуваа информацијата цел ден и цела вечер!
Значи, не било само до дописничките, туку и до уредничките!
Ние, известувачите од Охрид, ја имавме среќата, како новинари, да не формираат, пред сѐ Охридското лето и Балканскиот фолклорен фестивал. И во целина самиот Охрид, со неговата атрактивност, со настаните што тука се случуваа, пред сѐ, на културен план. Новинарите и професионалното новинарство ги градат настаните, а не обратно. Кога е обратно, тогаш тоа обично завршува како коми-трагедија, како што беше случајот со драгиот колега Владо Tанески од Кичево, кој, според официјалната верзија се (са)моудави во кофа вода во тетовскиот истражен затвор! Демек, ако беше така, тогаш убиваше, за потоа да известува за „најугледниот!“ дневен „Утрински Весник“!
Огромна е, непремостлива е разликата, да си министер охриѓанец и културен деец охриѓанец. Ако не беше така, не ќе беше и Охридско лето, такво какво што го знаевме. За нас Охридско лето, беше првиот културен прозорец кон Македонија и од Македонија, зашто фестивалот се доживуваше како таков и се рангираше на југословенско ниво, заедно со Сплитскиот и со Дубровничките летни игри.
Преку Туристичкиот сојуз на Југославија, врвните светски имиња, правеа југо-турнеја во трите града. Седржавната грижа кон овој фестивал се огледаше и во фактот што за претседатели на тогашниот Совет, се бираа врвни авторитети, како Лазар Мојсов, Матеја Матески и други, но директорот беше тука 24/7.
Ниту Мојсов, ниту Матевски беа охриѓани. Но затоа охриѓани беа Миле Волканоски и Љубен Баткоски. Само еден Миле Волканоски, со сите негови доблести, мани и марифетлуци, можеше на сцената да го качи Андре Навара. Само тој можеше да го однесе на езеро за да ловат пастрмки, а Навара „ги ловеше!“ веќе закачени на јадицата!? Така беше и со Папаставро, со трите генерации Коганови – од самиот Леонид Коган, преку синот Павел и ќерката Нина, до внукот, син на Нина, денес врвен виолинист во Париз.
Имаше и ќе има и чесни исклучоци, но во новото повеќепартиско (!) време, Охридско лето беше сведено на импровизации, на дополнителни програми со Јован Јованов, па дури и самата Каролина Гочева им кажа дека не ѝ местото во Света Софија.
Партиите, изминативе години, преку министрите – партиски комесари, го преполнија Охридско лето со партиски војници, така што, еден преоден период, можеше да го раководи и медицинска сестра!
Некогаш тоа беше мал оркестар, со диригентот Миле Волкански, кој спиеше во канцеларијата, денеска тоа е еден раштиман оркестар, со диригенти кои спијат во Скопје и доаѓаат повремено.
Во тие славни времиња, беше привилегија да се известува од Охрид, градот кој, мене лично, ме израсна и ме вивна во врвот на тогашното југословенско новинарство – сѐ до позицијата уредник во Танјуг. Тоа беше мојот професионален Олимп, за што му должам на градот и на манифестациите што се одржуваа во него, пред сѐ, на оние од сферата на културата.
Во Охрид ја имавме среќата да запознаваме и интервјуираме најпознати светски личности од културата – славни музичари и актери, од бизнисот, политиката, естрадата, сѐ до крунисани глави, како што е принцот од Велс, наследникот на круната во Кралството Велика Британија.
Што се однесува до мене лично, јас ја преферирав културата. Токму таа ме задржа крај тастатурата и по пензионирањето. Не само јас, квалитативно, Охрид некогаш беше второто професионално јадро, после Скопје. За жал, барем кога станува збор за културните содржини, зад нас остана руина. Последниве години надвладеа таблоидното новинарство, по порталите доминираат наслови кои се далеку од културното однесување, чисто трач – новинарство, сплеткарење, осветништво, чист примитивизам.
Затоа, низ прсти ни поминува, кога преку ноќ, ќе дознаеме дека за директор на Завод и Музеј во Охрид, сме добиле „увезен“ директор (не навлегувам во компетенциите), кога, практично подземјето, влијателните од бизнис секторот (читај градежната мафија) ќе ни „увезат“ директор на централно, осумгодишно училиште и тн.
За да не бидам сфатен малициозно, ете, го поддржувам „увозот“ на директор на Националниот парк Галичица, ако ништо друго, барем планината Галичица нѐ дели, ама и заеднички ни припаѓа – и на охриѓани и на ресенчани!