ОХРИЃАНИ САМО ЌЕ ПЛИВААТ, А СТРУЖАНИ ЕМ ЌЕ ПЛИВААТ ЕМ ЌЕ СКИЈААТ? Не дава УНЕСКО да се пипне Галичица, ама ветувачки е ски-центарот на Јабланица

УНЕСКО ги „попари“ охриѓани со тоа што не дозволи реализација на проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица, но затоа, пак, ништо не може да го одврати струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од идејата да ја претвори Струга во „македонски Гармиш-Партенкирхен“

4,275

Охриѓани мора да се помират со судбината дека нивниот град Охрид никогаш нема да може да биде претворен во зимска скијачка дестинација, особено откако УНЕСКО, под притисок на еколозите од земјава, јасно и гласно порача дека не смее да се видоизменува националниот парк Галичица, каде што, според плановите стари со децении, требаше да се гради модерен скијачки центар.

Дека проектите се целосно заглавени и дека во вода паѓаат сите идеи за искористување на природните капацитети кои би придонеле за силен развој на зимскиот туризам во „македонскиот Ерусалим“, потврди и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, кој вели дека одлуката на УНЕСКО е донесена „за век и векова, амин“.






Од друга страна на езерото, пак, никој не може да го одврати струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од идејата Струга да ја претвори во „македонски Гармиш-Партенкирхен“. Тој вели дека планината Јабланица „плаче“ за еден модерен скијачки центар, кој во студените месеци ќе привлекува илјадници туристи и кој ќе отвори илјадници работни места за стружани.

Мерко вели дека проектот за изградба на ски-центар на падините на Јабланица веќе е изработен и дека во тек е потрагата по инвеститори, додека, пак, за препораките на УНЕСКО да не се видоизменува животната средина за да не се нарушува биодиверзитетот, тој вели дека таквите препораки не важат за Струга, бидејќи, како што посочува, ингеренциите на УНЕСКО не ја опфаќаат Јабланица.

Дека Охрид и Струга имаат капацитет за развивање зимски туризам се согласуваат и хотелиерите од здружението ХОТАМ, кои велат дека реализацијата на барем еден таков капитален проект во Охрид или во Струга ќе придонесе да се изградат многу нови хотели, но и да заживеат веќе постоечките.

Наспроти нив, еколозите цврсто стојат на ставот дека со изградбата на ски-центрите ќе се направи повеќе штета отколку корист.

Пред УНЕСКО и боговите молчат

Актуелниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, во разговор за Плусинфо воопшто не го крие разочарувањето што му го предизвикала препораката на УНЕСКО за целосно стопирање на проектот за изградба на ски-центар во Националниот парк Галичица.

Никогаш нема да може да се изградат ски-центрите и експресниот пат на Галичиџа, оти препораките од УНЕСКО се нешто што не смее да се занамари и треба сериозно да се разбере

Кирил Пецаков Градоначалник на Охрид

Како што објасни нашиот соговорник, идејата за Охрид да се претвори во зимска скијачка атракција воопшто не е нова, туку, како што посочува, таа со години струела низ охридската чаршија и влевала надеж и возбуда кај охриѓани, дека нивниот град еден ден би можел да биде примамлива дестинација за време на најстудените месеци во годината.

Пецаков смета дека сите тие проекти и желби за изградба на ски-центар на Галичица паѓаат во вода, затоа што, како што вели, последниот збор го има УНЕСКО.

– Вистина е дека постоеше иницијатива за изградба на ски-центри на Галичица, со цел да се развие и зимскиот туризам во Охрид, но таквите проекти ќе си останат само „мртво слово на хартија“. Процедурите се заглавени и сметам дека никој и никогаш нема да може да ги одглави. Едноставно, не добивме поддршка за реализација на проектите, а завесата целосно се спушти во 2019 година, кога добивме препорака од УНЕСКО дека не смееме да го видоизменуваме Националниот парк Галичица, бидејќи на тој начин би можеле да го нарушиме биодиверзитетот и да ја уништиме животната средина. Изградбата на ски-центарот на Галичица е пропадната идеја, а охриѓани, кои во голем број се надеваа дека нивниот град ќе се претвори и во зимски туристички центар, мора да ги прифатат фактите и да се помират со судбината – објаснува Пецаков.

Кога сме веќе кај судбината, додава тој, слична судбина го снајде и проектот за изградба на експресен пат преку Галичица, кој на прилепчани и на битолчани ќе им овозможеше скратено и брзо пристигнување до Свети Наум во Охрид.

– Патот беше целосно проектиран и веќе беше одреден буџет за изградба, но и тогаш ни пристигна порака од УНЕСКО дека треба да стопираме. Така што, можам слободно да кажам дека никогаш нема да може да се изградат ски-центрите и експресниот пат, оти препораките од УНЕСКО се нешто што не смее да се занамари и треба сериозно да се разбере. Зимскиот скијачки туризам во Охрид ќе си остане само неостварен сон на охриѓани – вели Пецаков.

Инаку, професионални скијачи и луѓе коишто професионално се занимаваат со разни други зимски спортови, па дури и со екстремни, велат дека со оглед на местоположбата, Галичица има идеални услови за развој на зимскиот туризам, што би се постигнало со изградба на скијачки центар. Снег, велат тие, има од ноември до мај, а планината има и скијачки патеки. На овој начин Охрид и целиот тој предел би станале и атрактивна зимска туристичка дестинација, од што бенефит би имала и државата, коментираат нашите соговорници.

Работата беше скоро готова?

Поранешниот охридски градоначалник Никола Бакрачески уште во 2014 година соопшти дека за ски-центарот на Галичица е изработена физибилити студија и мастер план од канадска компанија финансирана од МЕПСО.

Никола Бакрачески, поранешен градоначалник на Охрид

– Изработена е физибилити студија и мастер план од канадска компанија финансирана од МЕПСО. Уникатноста на овој скијачки центар е најголемата негова предност. Ќе нуди можност за револуционерни промени во туризмот. Ќе има рекреативен центар кој би се користел и во летните месеци, што секако е голема придобивка. Станува збор за многу сериозен проект, досега во Владата и кај нас во локалната самоуправа неколку странски компании имаат пројавено интерес да финансираат ваков проект – изјави тогаш Бакрачески. 

Две години претходно, пак, во 2012 година, за регионот околу Галичица се заинтересирал и индискиот милијардер и сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривер“, Субрата Рој.

Тој, при посетата на земјава, освен за Охрид, се заинтересирал и за изградба на хотелски комплекси во регионот на Преспа, поточно од другата страна на Галичица.

Охриѓани паметат, пред 50 години скијале на Галичица

На планината Галичица во 70-те години од минатиот век постоел стар сместувачки капацитет со околу 120 легла, раскажуваат охриѓани чија страст е скијањето.

„Во тој период беа поставени два ски-лифтови и беше изградена ски-патеката на која за време на викенди имаше и до 1.000 посетители. Кон крајот на седумдесеттите години, тогашните власти го одобрија Основниот урбанистички план за изградба на Спортско-рекреативен центар на Галичица, но иницијативата замре поради еден немил настан кога во пожар изгоре бараката на Феријалниот сојуз. Кон падините на Галичица, каде што е предвидено да се гради ски-центарот, води стар пат изграден во средината од минатиот век кој со децении не се одржува во зима“, коментира еден повозрасен охриѓанец, кому сеќавањата не му се избледени.

„Македонскиот Гармиш-Партенкирхен“

За разлика од националниот парк Галичица, кој се наоѓа под капата на УНЕСКО и за кого постои строга забрана за видоизменување на ликот на планината, очигледно тоа не е случај со планината Јабланица која се издигнува над градот Струга, а за која исто така постојат планови за изградба на модерен ски-центар.

Плусинфо разговараше со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој не ја губи надежта дека Струга, еден ден, ќе ја нарекуваме „македонскиот Гармиш-Партенкирхен“.

Тој уверува дека ваквата инвестиција нема да ја уништи природата и нема да ја загадува планината Јабланица, а исто така ќе обезбеди вработувања за над 2.000 туристички работници.

Засега не постојат пречки за реализација на овој проект, освен тоа што треба да се најде вистинскиот инвеститор кој ќе сака да ги вложи парите

Рамиз Мерко Градоначалник на Струга

– Искрено да ви кажам, во изминатите 6 месеци немам добиено никаква информација за тоа што се случува со проектот за изградба на ски-центар на Јабланица. Знам дека проектот беше презентиран во Дубаи, а исто така знам дека станува збор за огромен капитален проект во вредност од околу 300 милиони евра. Засега не постојат пречки за реализација на овој проект, освен тоа што треба да се најде вистинскиот инвеститор кој ќе сака да ги вложи парите. Планирано е ски-центарот да биде изграден на планината Јабланица, а таму УНЕСКО нема ингеренции, нема опфат. Зошто да не го развиваме зимскиот туризам кога имаме услови за такво нешто? На тој дел на Јабланица има голем број постоечки викенд-куќи, кои, покрај хотелите, можат да понудат приватно сместување за туристите – објаснува Мерко.

На прашањето дали постои можност ваквиот капитален проект во брзо време да стане реалност, струшкиот градоначалник вели дека сѐ е оставено во рацете на Господ.

– Италијанската групација го презентираше проектот и кај нас, па сега во тек е потрагата по инвеститори. Како што разбрав, 5-6 компании веќе дале зелено светло и ќе го финансираат проектот. Станува збор за огромен проект и животот на стружани целосно ќе им се промени. Ќе развиеме зимски туризам и автоматски ќе имаме бенефити во градот. Голем дел од гостите ќе престојуваат во струшките хотели, а ќе ја користат и жичарницата за да се качат до ски-центарот на Јабланица. Според проектот, жичарницата треба да биде одалечена околу 3 километри од центарот на Струга. Тоа значи дека скијачите ќе бидат сместени во хотелите во градот и ќе им биде овозможен лесен пристап до скијачката патека. Хотелите и рестораните ќе работат турбо во текот на зимските денови, ќе се отворат нови работни места за стружани, а ќе се полни и општинската каса. Искрено, јас ќе направам сѐ што е во моја моќ за да го реализирам овој проект – ни изјави Мерко.

Покрај изградбата на ски-центарот, струшкиот градоначалник во изминатиот период најавуваше и други капитални инвестиции за развој на туризмот, како осовременување на руинираните кампови Треска и Ливадиште и изградба на слободна туристичка зона на 15 хектари со 3 хотели и над 100 куќички, со што Струга, како што вели, ќе прерасне во најголем туристички центар на Балканот и пошироко.

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на туризмот пред неколку години го презентираше проектот за изградба на скијачки патеки на планината Јабланица со должина од 85 километри, 21 километар скијачки лифтови и два резервоари за производство на снег. Вкупната вредност на инвестицијата беше проценета на околу 320 милиони евра.

Што содржеше проектот на МЕПСО за Јабланица?

Студијата и мастер планот за изградба на ски-центарот на Јабланица беа целосно готови уште во 2014 година. Целосната изработка на проектот чинеше 250.000 евра, а нарачател беше МЕПСО АД Скопје.

Плановите предвидуваа ски-патеки долги триесетина километри, кај месноста Голина на надморска височина од 1.900 до 2.100 метри, со должина на жичарницата од 3,5 километри. Ски-центарот на Јабланица би имал капацитет да прими околу 4.500 скијачи дневно. Проектот предвидуваше и изградба на 5 до 6 луксузни хотели со 4 и 5 ѕвезди.

Највисокиот врв на Јабланица е Црн Камен чија надморска височина достигнува 2.257 метри. Јабланица поседува исклучителни геоморфолошки вредности, тревни тераси, помали и поголеми циркови, валови и неколку леднички езера.

Хотелиерите не губат надеж, туризмот ќе цвета

Темата за изградбата на ски-центри на Галичица и на Јабланица беше покрената уште во 2012 година кога здружението на хотелиери ХОТАМ даваше идеи за развој на туризмот во Охридско и во Струшко.

Плусинфо разговараше со претседателот на здружението ХОТАМ, Крсте Блажески, кој вели дека тој и неговите колеги сѐ уште не ја изгубиле надежта дека еден ден нашата држава ќе ги препознае туристичките капацитети што ги поседува охридско-струшкиот регион.

Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ

– Секоја инвестиција во туризмот придонесува за искористување на капацитетите што ги пружаат Охрид и Струга. Во однос на проектите за изградба на ски-центри на Галичица и на Јабланица, јас колку што сум информиран, закочена е процедурата за градење на Галичица, оти УНЕСКО не дава дозвола. Но, затоа, пак, сѐ уште во игра е проектот за изградба на ски-центар на Јабланица. Проектот постои и тој предвидува изградба на среден скијачки центар кој има капацитет за 4.000 скијачи. Тоа значи дека станува збор за огромен капацитет. Интересно е и тоа што на планината Јабланица има и неколку природни езера кои никогаш не присушуваат, а кои можат да се искористат за производство на вештачки снег. Потребни ни се детални планови и потребно е да знаеме што поточно и за колку време може да се изгради. Кога се прави проект, тој проект треба да биде сеопфатен, а не само да се знае каде ќе се прави жичарница и каде ќе бидат скијачките патеки. Потребно е уште на самиот почеток да биде кристално јасно каде ќе има хотели, каде ќе има продавници, паркинг простор, и т.н. Позитивни примери со реализирани вакви слични проекти веќе имаме видено во околината, а добар пример е и бугарското местенце Банско, кое низ годините израсна во познат европски скијачки центар. Сметам дека и ние можеме и имаме капацитет да направиме нешто слично со Струга. Кога би се изградил ски-центар на Јабланица, тогаш ќе се изградат и многу нови хотели, а ќе заживеат и веќе постоечките – вели Блажески.

Мислење за изградбата на ски-центрите побаравме и од Агенцијата за поддршка на туризмот, а оттаму, во неформален разговор со одговорните, љубезно ни беше одговорено дека Агенцијата воопшто не била вклучена во овие проекти, како и дека никогаш немала можност ни да ѕирне во проектите.

– Не сме ги виделе студиите и затоа не би можеле да коментираме за нешто за коешто не сме доволно запознаени. Општо гледано, за да се развие зимски туризам во земјава, најпрво треба тоа да се стори на веќе постоечките зимски туристички центри на Попова Шапка, Маврово или на Пелистер. Туризмот во Охрид може да се развива и без да има ски-центар на Галичица. Развојот на ски-центрите се прави со големи инвестиции. Веќе ги имаме Попова Шапка и Маврово кои треба да се развиваат на вистински начин, а дури потоа, откако ќе ги развиеме, можеме да се обидеме да го мултиплицираме успехот на други места ширум Македонија. Ајде да ги усовршиме веќе постоечките ски-центри, а потоа да развиваме трети, четврти, па и петти ски-центри во државата – брифираат од Агенцијата за поддршка на туризмот.

Македонија нема море, ама има планини

Воопшто нема дилема дали треба да се прават скијачки центри, се разбира, онаму каде што постојат природни услови, вели Жарко Трпкоски, ски-експерт, претседател на ски-клубот „Љуботен“ и поранешен директор на Шарпланинскиот куп.

Ако Охрид и Струга, како традационални спортски средини, добијат ски-центри, ќе се зголеми бројот на туристички и на спортски скијачи и ќе се добијат нови локации за одржување скијачки натпревари.

Жарко Трпкоски Ски-експерт

– На листата земји од Европа по остварен приход од туризам за 2020 година, Австрија со 15.4 милијарди долари е на трето место, Швајцарија со 10 милијарди долари е на шесто местоа, а Грција со 6.2 милијарди долари е на осмото место. Швајцарија и Австрија не излегуваат на море, доминантни се со планини и ски-центри, па затоа прават двојно поголем приход од Грција која е изразито морска туристичка земја. Главното очекување од овие проекти, ски-центрите на Галичица и на Јабланица, е развојот на одржливиот ски-туризам во комплементарен однос на постоечкиот езерски туризам на Охрид и на Струга. Тоа ќе значи извор на значаен раст на приходите и шанса за нови вработувања. Етикетата дека охридскиот туристички регион во својата понуда нуди дополнително два скијачко–планински центри, кои покрај скијањето во зима, ќе нудат и атрактивни планински тури со жичарници со многу атрактивни пејсажи во лето, како поглед на двете езера од Магаро, погледи и пејсажи од Јабланица, може да претставува уникатна туристичка понуда. Предизвиците, по мое мислење,  се сериозни, особено во делот на убедување на екологистите кои се многу „тврди“ и настојчиви да се „брани“ природата, честопати неоправдано. Но, секако, мора да се почитуваат сите законски барања и ограничувања од националниот парк, УНЕСКО, Законот за заштита на животна средина и сл. Меѓународната скијачка ферерација (ФИС), на пример, има етаблирано политика на ограничување на било каков негативен импакт врз околината во која скијањето се случува – објаснува Трпкоски.

По висинските параметри, посочува тој, Јабланица е слична на Галичица, со најголема висина од околу 2.200 метри надморска височина, а највисоката точка е Црн Камен 2.257, над Вевчани.

– Претпоставувам таму треба да се реши транспортот до ски-центарот, со пат или со гондолна жичарница. И овде може да се користат, барем за почеток, хотелските и сместувачките капацитети на струшкиот регион, вклучително и селата во непосредното подножје како Вевчани и другите – коментира Трпкоски.

На прашањето дали можат Охрид и Струга да бидат зимски атрактивни дестинации како Банско и Боровец во Бугарија, нашиот соговорник вели дека вреди да се обидеме.

– Во Македонија функционираат Попова Шапка и Маврово како најреномирани центри на југословенско и меѓународно ниво во минатото, но за жал, нивото на ски-инфраструктура и воопшто останало на ниво на 1980-тите години од минатиот век. Пелистер со Копанки и Ниже Поле, како и Крушево, во минатото силни центри на македонското скијање, функционираат некако, но на скромно ниво кое дури и за македонски рамки е под потребното ниво, како во туристичкото, а уште помалку во спортското скијање. Приказната за големите очекувања на Кожув заврши неславно. Тука е и Пониква со некакви обиди кои завршуваат со некое ниво на детско одмаралиште. Значи, со сите споменати, функционални и нефункционални, бројката завршува на 8 ски-центри во Македонија. Спортското скијање во Македонија, паралелно со падот на нивото на ски-центрите, паднато е во секој поглед. На Македонија ѝ се потребни повеќе скијачи натпреварувачи, ски натпревари, ски инструктори, ски тренери. Ако Охрид и Струга, како традационални спортски средини, добијат ски-центри, ќе се зголеми бројот на туристички и на спортски скијачи и ќе се добијат нови локации за одржување скијачки натпревари. Банско и Боровец во Бугарија се ски-центри кои со параметрите на ски патеките, но и со традицијата, се на многу високо ниво. Тие организирале и уште организираат натпревари од највисок европски и светски ранг (Европа Куп, Светски куп). А сведоци сме дека, и во туристичкото скијање, капацитетите и посетите се на многу високо ниво, со над 10.000 скијачи. Отварањето на ски центрите Галичица и Јабланица ќе значи извонредна додатна вредност на постоечката туристичка понуда, особено во зима, но и со интересни додатни атракции во летниот период – објаснува Трпкоски.

Поголема штета отколку корист?

Владо Србиновски, претседател на Балканската асоцијација за алтернативен туризам – Балканија, пак, смета дека самата идеја за изградба на ски-центри на Галичица и на Јабланица може да предизвика поголема штета на локалниот и одржив развој отколку што ќе придонесе за развивање на туризмот во овој регион.

Главниот проблем, како што потенцира тој, е немањето генерална стратегија за економски развој на државата.

– Познавајќи ги состојбите во нашата земја и пристапот на институциите кон заштита на животната средина, впечаток е дека немањето генерална стратегија за економски развој на земјата придонесува за вакви идеи и предлози кои се повеќе на штета на локалниот и одржлив економски развој отколку што ќе придонесат за развивање на туризмот во овој регион. Галичица е веќе национален парк, а Јабланица претендира да биде, што неминовно налага да се има поинаков пристап за заштита и намалување на деградацијата на овие планини. Ски-туризмот привлекува посебна категорија туристи кои имаат поголема финансиска моќ и кои трошат повеќе пари, но исто така за да се постигне квалтетна и конкурентна понуда потребни се големи финансиски вложувања. Сметам дека иницијативите за изградба на ски-центри се недоволно обмислени идеи, раководени од економски интереси на бизнис-структури и не се во насока на долгорочни стратегии за развој на туризмот. Низ долгогодишното делување на Балканија заклучуваме дека нашите природни потенцијали се најголеми  можности за локален и одржлив економски развој преку земјоделството и туризмот како две комплементарни предности во сите региони на Македонија. Затоа сметаме дека развојот на туризмот треба да оди преку развој на алтернативните форми кои не се поврзани со сезонската понуда, туку може да се консумираат во тек на целата година и треба да се стимулира развој на природен и рурален туризам кои заедно со постоечката понуда на културен туризам во Охрид ќе ја афирмираат многу повеќе земјата како атрактивна дестинација – посочува Србиновски.

Србиновски: Заложбите на локалните власти треба да се насочат исклучиво кон заштита на природните и културните вредности на регионот и да се креира туристичка понуда според потенцијалите на регионот, а не според мотивациите на бизнис-секторот

Климатските промени кои одат во насока на зголемување на глобалната температура, забележува тој, во иднина ќе доведат до скратување на зимските скијачки сезони глобално, а и во нашата земја позначително, што, според него, претставува негативен индикатор за вакви вложувања во развој на ски-центри на овие две планини.

– Досегашните податоци укажуваат дека и на двете планини нема доволно снег за понуда за ски-туризам и дека ваков пристап е неоправдан. Со изградба на ски-центри според ваквите услови, земјата не може да им конкурира на развиените центри во Италија, Франција и во Швајцарија, што ќе значи дека нема да можеме да привлечеме голем број од овие туристи. Исто така, не сме доволно конкурентни ни со туристичката понуда на соседните земји Србија и Бугарија, а финансиските вложувања во ваков вид на туристичка понуда се многу големи и неоправдани. Најголем недостаток за вакви вложувања е неразвиената инфраструктура – пред сѐ патната инфраструктура, како и немањето изградено канализациски и водоводни мрежи, како и депонии. Според нас, ваквите иницијативи се неоправдани и само ќе придонесат за повеќе негативни ефекти отколку реален  туристички развој. Ги детектираме и состојбите кои укажуваат на неодговорното однесување на локалната популација за препораките од УНЕСКО и нивната негрижа за зачувување на статусот на Охридското Езеро. Сметаме дека вакви иницијативи се неоправдани и препорачуваме локалната и централната власт да делуваат стратешки за создавање  услови и нови политики и мерки за стимулирање и развој на руралните средини и за збогатување на туристичката понуда преку мали семејни бизниси во селата во охридско-струшкиот регион кои како дополнување на основната конвенционална туристичка понуда на Охридското Езеро ќе влијаат на  продолжување на туристичката сезона. Ова директно влијае и на ценовната политика во хотелскиот бизнис, кој поради кусата сезона има несоодвено повисоки цени од реалната вредност на понудата и услугите. Сметаме дека заложбите на локалните власти треба да се насочат исклучиво кон заштита на природните и културните вредности на регионот и да се креира туристичка понуда според потенцијалите на регионот, а не според мотивациите на бизнис-секторот, кој својот интерес го бара во инвестирање на објекти и градби без голема грижа за автентичноста и спецификите на средината и без грижа за богатиот биодиверзитет кој според новите трендови ќе биде предност за нашата земја – објаснува Србиновски.

Еколозите се лутат: Не може и едно и друго!

Најавите за изградба на ски-центри на планините Јабланица и Галичица особено тешко им паѓаат на еколозите, кои велат дека ваквите планови не се во насока на одржлив развој и не се во согласност со македонското и со меѓународното законодавство.

Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на еколошкото здружение „Еко-свест“, објаснува дека националните паркови ги прогласуваме за да го зачуваме нивното природно богатство за идните генерации, а не за таму да градиме ски-центри и жичарници.

Чоловиќ-Лешоска: На Владата имам едно да ѝ кажам: Не може и едно и друго. Не може и национален парк и нов ски-центар. Одлучете се. Или фикс идеи или одржлив развој.

– Парковите се штитат за да ни ги покажат природните процеси и да ни овозможат слободно функционирање на екосистемите во природна форма, без наше големо влијание. Примарната цел на националните паркови е да се зачува таа природа, истовремено учејќи ги граѓаните, и најмладите за придобивките од ваквото заштитено подрачје. Кога нашата Влада се реши да гради две хидроцентрали во националниот парк Маврово, Меѓународната унија за заштита на природата го кажа токму тоа – изградба на инфраструктура ја поддржува примарната цел на паркот. Паркот не е прогласен за заштитен за таму некој да прави струја, или во случајот со Шара и Јабланица, за масовен туризам и сообраќајни коридори. Меѓу другото, оваа меѓународна организација има точно дефинирани критериуми за тоа што е одржлив туризам и одржлив сообраќај во заштитените подрачја – нешто што се поттикнува со цел да се стимулира локалниот економски развој, едукацијата и заштитата на природата. Како и „Дизниленд“ плановите за Галичица, така и овие идеи се осудени на пропаст. Едноставно, да развиваме масовен туризам со мега-инфраструктура во идни и постојни заштитени подрачја, во најмала рака е и непотребно. Покрај ски-центрите во соседните држави и неколкуте постоечки кај нас, а неодржувани, некому му дошла фикс-идејата за изградба на нов ски-центар. Дури и да постои европски инвеститор, како што најави струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој би се нафатил да прави ски-центар на Јабланица? Дали од Европската Унија би поддржале уништување на заштитени подрачја и прекршување на европските и меѓународните стандарди за зачувување на природата? – прашува Чоловиќ-Лешоска.

Таа вели дека многу подобро би било да вложуваме за развој на локалниот туризам кој е одржлив и уникатен за Македонија.

– Наместо да развиваме локален, уникатен туризам, кој е одржлив и носи економски развој на заедниците кои живеат во заштитените подрачја, притоа не наштетувајќи на природата (параглајдинг, планинарење, планински велосипедизам, па и печење лепче во бачило и јавање коњи), ние сме се запнале за мега-инфраструктура. Ем чини многу, ем прави штета, ем не носи локален развој. За ова имаме и посебна препорака од Бернската конвенција при Советот на Европа, каде велат да ги усогласиме плановите за развој на инфраструктура со оние за заштита на природата, а не обратно. На Владата имам едно да ѝ кажам: Не може и едно и друго. Не може и национален парк и нов ски-центар. Одлучете се. Или фикс идеи или одржлив развој – вели директорката на „Еко-свест“.

(Со оваа сторија Плусинфо се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.)
Поврзани содржини