Охрабрувачка вест: Нема починат од ковид-19, бројот на активни случаи се сведе на 437
Во изминатите 24 часа се направени 3.068 теста.
Денес за прв пат по 2 септември 2020 не бележиме ниту еден починат од ковид -19, регистрирани се 8 нови случаи од направени 3.068 теста, информира Министерството за здравство.
Сепак, додаваат од Министерството, вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата.
– Мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме – велат од Министерството за здравство.
Според информацијата новите случаи на ковид-19 се три во Скопје, во Тетово – 2, Велес, Кичево и Охрид- по 1.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.536, бројката на оздравени пациенти е 149.628, на починати е 5.471, а бројот на активни случаи изнесува 437. Досега во земјата се направени вкупно 834.099 тестирања на ковид-19.