ОГРАДА ОД 2.500 КИЛОМЕТРИ ПРОТИВ МИГРАНТИ Украина ќе се заштити од полско-белоруската криза
Украина веќе распореди 15 хеликоптери, два авиони и 44 беспилотни летала на своите граници како одговор на кризата, во која ЕУ ја обвинува Белорусија дека криумчари мигранти и дека ги принудува илегално да ги преминат границите на Полска и на Литванија.
Украина ќе гради ограда долга 2.500 километри кон Белорусија и Русија за да се одбрани од мигрантите и се чека за ова пари да бидат издвоени од буџетот, изјави во петокот тамошниот министер за внатрешни работи Денис Монастирски, пишува Н1.
Монастирски исто така изјави дека земјата планира нови воени вежби во следните две недели за да се подготви во случај мигрантите да се обидат илегално да ја преминат границата. Со други зборови, Украина внимава да не стане нова фокусна точка во мигрантската криза на границата на Белорусија со Европската Унија.
Уште повеќе, Киев ја обвинува Москва за поттикнување на кризата.
– Нашата клучна задача е да го потиснеме и запреме можниот масовен проток на илегални мигранти – рече Монастирски во парламентот.
Украина во четвртокот соопшти дека пресретнала група од 15 лица од Блискиот Исток, кои се обидувале да влезат од Белорусија, што е прв ваков инцидент од ескалацијата на мигрантската криза. Земјата распореди 15 хеликоптери, два авиони и 44 беспилотни летала на своите граници како одговор на кризата, во која ЕУ ја обвинува Белорусија дека криумчари мигранти и дека ги принудува илегално да ги преминат границите на Полска и на Литванија.
Парламентот оваа недела ја овласти украинската гранична полиција да користи воена опрема и огнено оружје. Запрашан за тоа, Монастирски рече дека чуварите треба да бидат подготвени да го користат оружјето доколку е потребно, иако засега не е.
Односите меѓу Киев и Москва беа затегнати по руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и избувнувањето на борби меѓу украинските војници и проруските сепаратисти во источна Украина.