📽️ 📷 ОГРАБЕН МАНАСТИРОТ „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ НА ДЕН ПО ВЕЛИГДЕН Камери го снимиле сторителот, објавена е фотографија
Од манастирот споделија и фотографија од лице за кое постои сомневање дека го извршило грабежот, со повик до јавноста да помогне во неговата идентификација.
Во атарот на село Обршани, општина Кривогаштани, во текот на средата вечерта бил извршен грабеж во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“. Настанот се случил веднаш по Велигденските празници, во ноќта меѓу 23 и 24 април.
Случајот првично го објавија самите членови на манастирскиот одбор, кои преку видеоснимка од безбедносните камери на својата официјална Фејсбук страница и информираа за кражбата. Тие споделија и фотографија од лице за кое постои сомневање дека го извршило грабежот, со повик до јавноста да помогне во неговата идентификација.

„Во текот на ноќта (23.04.2025 година) манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’ е ограбен. Секој кој ќе го препознае сторителот да ги извести членовите на манастирскиот одбор“, напишаа од црквата, додавајќи и фотографија од осомниченото лице.
Сторителот бил забележан на камерите како се движи низ манастирските простории, но не е познато што точно било одземено. Од МВР засега нема официјална потврда за настанот, но според неофицијални информации, полицијата работи на идентификација на лицето и расветлување на случајот.