ОГОРЧЕНИ СЕ И ОД КАНДИДАТИТЕ И ОД РЕЗУЛТАТИТЕ Врие меѓу членството на СДСМ во Битола
Откако вчера лидерот Венко Филипче кажа дека ќе има политички и кадровски промени во партијата, битолски социјалдемократи бараат јавно промените да почнат од Битола.
Социјалдемократи од Битола го повикуваат претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кадровските промени да ги почне од Битола, пишува порталот Независен.
СДСМ Битола на локалните избори освои 5 мандати на советници со околу 5.400 гласови, а кандидатот за градоначалник Методија Куновски се пласира на третото место по освоени гласови со над 6.100 гласови.
Во ОО на СДСМ Битола врие за промени, велат партиски членови во очекување актуелното раководство да ја закаже конференцијата на општинската организација за анализа на изборните резултати и изјаснување за доверба во изборните органи на општинската организација со оглед на исходот од локалните избори на 19 октомври. Откако вчера лидерот Венко Филипче кажа дека ќе има политички и кадровски промени во партијата, битолски социјалдемократи бараат јавно промените да почнат од Битола.
– Веднаш после првиот круг од локалните избори им испратив пораки на актуелниот претседател на ОО на СДСМ Битола, Методија Куновски, кој воедно беше и кандидат за градоначалник на Битола, и на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, да поднесат неотповикливи оставки. Им кажав дека првиот треба да си остане новинар, а вториот ракометен судија. Одговори не добив. Но, промени мора да има и тоа го знае и нашиот претседател Венко Филипче – изјави за „Независен“ Зоран Стојчевски, член на Централниот одбор на СДСМ.
Според него, првата грешка е направена кога за претседател на ОО на СДСМ е поставен Методија Куновски, втората грешка била кога Куновски прифатил да биде кандидат за градоначалник, а не бил личност која ги обединува структурите.