ОГНОТ НЕ Е ПРЕКИНАТ, ОРМУЗ НЕ Е ОТВОРЕН, НО ПРЕГОВОРИ ЌЕ ПОЧНАТ Делегацијата на САД ќе ја предводи Џеј Ди Венс
Израел вчера го изведе најголемиот напад врз земјата од почетокот на најновиот конфликт, ескалирајќи ја воената кампањата против Хезболах. Иранските власти го оценија тоа како прекршување на условите од договорот за примирје.
Белата куќа соопшти дека САД ќе одржат директни разговори со Иран, и покрај продолжените борби на Блискиот Исток, обележани со израелски напади во Либан, кои се закануваат да го нарушат кревкиот прекин на огнот во шестнеделниот конфликт.
Потпретседателот Џеј Ди Венс ќе ја предводи делегацијата во Исламабад, во која ќе бидат вклучени и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Првата рунда разговори е закажана за сабота наутро по локално време, додека Ормускиот теснец и натаму останува во голема мера затворен.
Израел вчера го изведе најголемиот напад врз земјата од почетокот на најновиот конфликт, ескалирајќи ја воената кампањата против Хезболах. Иранските власти го оценија тоа како прекршување на условите од договорот за примирје.
„Условите за прекин на огнот меѓу Иран и САД се јасни и недвосмислени: САД мора да изберат прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел. Не може да ги има и двете“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на социјалните мрежи.
Полуофицијалната иранска агенција Фарс објави дека преминот на нафтени танкери низ теснецот е запрен по израелските напади.
Според најавите, иранската делегација вечерва ќе пристигне во пакистанскиот главен град Исламабад на преговори.
„И покрај скептицизмот кај иранската јавност во врска со систематското кршење на прекинот на огнот од страна на израелскиот режим (…), иранска делегација вечерва пристигнува во Исламабад на сериозни разговори врз основа на иранската премиса од 10 точки“, напиша иранскиот амбасадор во Пакистан Реза Амири Могадам на платформата Икс.
Трамп во објава на социјалните мрежи порача дека американскиот воен персонал и оружјето ќе останат распоредени околу Иран „сè додека постигнатиот ВИСТИНСКИ ДОГОВОР не биде целосно почитуван“. Доколку Иран не се придржува, „ќе почне пукањето“, и тоа „поголемо, подобро и посилно од што било досега“, додаде тој.