🎥 ОГНОТ КАЈ БОГДАНЦИ ОТИДЕ КОН ВЕТЕРНИЦИТЕ На пожарот во Брезница дејствува чешки хеликоптер „Блек хок“

Еден од пожарите е во атарот на селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, но ловиштето Јасен не е зафатено од огнените јазици.

619

Чешки хеликоптер „Блек хок“ дејствува на пожарот во атарот на селата Брезница и Тажево, пожар што зафаќа голема површина и е многу тежок за гаснење, но од огнот не е зафатено ловиштето Јасен, изјави денеска директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

– Проблемот е што мора да се симне на помала надморска височина, да полета, да се искачи горе на повеќе од 1400 метри да ја истури водата и пак да се врати. Благодарност до храбрите пилоти од Чешка. Пожарот е во атарот на селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, но ловиштето Јасен не е зафатено од пожар. Вработените во Јасен не дозволија пожарот да навлезе на територија на територија на ловиштето Јасен – рече Ангелов.






Покрај овој пожар, додаде, го имаме и пожарот на Илинска планина којшто трае неколку дена, и исклучително е тежок за гаснење затоа што зафаќа голема површина и создава црн и темен чад што ја отежнува работата на воздухопловите.

– Третиот пожар којшто за жал е активен во овој момент е пожарот што започна кај охридското село Косел што се движи нагоре кон планината и за којшто имаме концентрирано повеќе сили рано утрово. Благодарност до локалната самоуправа, до Градот Охрид којшто дава се од себе со поддршка на локалните пожарникари и месното население да го стават пожарот под контрола – истакна тој.

За жал, дополни Ангелов, пожарот што вчера избувна во атарот на Богданци отиде кон ветерниците и се уште е активен.

– Рано утрово таму пративме хеликоптери, но истите поради силниот ветер не беа во состојба да дејствуваат – рече Ангелов.

Тој истакна дека пожарот на територија на Општина Пробиштип во атарот на селото Зеленград се уште е активен иако е делумна контрола, но не ја загрозува Пониква и викенд населбата што се наоѓа таму.

Повтори дека четири пожари се под контрола – во Општина Кочани кај селото Пресека, во Општина Свети Николе кај селото Патетино, во Општина Пласница, селата Пласница и Латово, Македонски Брод и во Општина Македонска Каменица кај селото Дулица.

Ангелов додаде дека вчера се изгаснати 33 пожари на територијата на државава.

Поврзани содржини