ОГНОТ БЕСНЕЕ НА ТРИ МЕСТА Шумите и депониите низ Македонија во пламен, екипите на терен

Три пожари и понатаму беснеат во Гевгелија, Македонски Брод и Студеничани, додека повеќето од останатите 30 се изгаснати или под контрола.

316

На територијата на Македонија до утрово во 07:00 часот регистрирани се вкупно 30 пожари на отворен простор, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи. Од нив, три сè уште се активни, четири се ставени под контрола, а останатите 23 се изгаснати.

Во моментов најтешката состојба е во Гевгелиско, каде што на Кожуф планина кај селото Петрово гори букова шума. Вториот пожар е забележан над селото Бенче, на планината Добра Вода во општина Македонски Брод, каде што огнот зафатил дабова шума и папрат. Третиот активен пожар се наоѓа во општина Студеничани, помеѓу селата Цветово и Драчевица, во атарот на местото Умово, каде што пламените јазици уништуваат поголема шумска површина.






Од друга страна, четири пожари се под контрола. Во скопската општина Гази Баба, екипите интервенираат во селото Трубарево каде што горел електричен отпад, како и во Виниче, во месноста Муратица, каде што огнот зафатил нискостеблеста шума. Во Студеничани се локализирани пламените јазици околу селото Батинци, додека во Демир Хисар пожар зафатил градска депонија.

Поголем дел од вчерашните пожари, меѓу кои и оние што гореа во Чучер Сандево, Сарај, Кисела Вода, Шуто Оризари, Кочани, Тетово, Гостивар, Битола, Крушево и Куманово, се успешно изгаснати. Дел од нив зафатиле депонии, други ниска вегетација, а имало случаи и на опожарени шумски предели.

Надлежните апелираат на зголемена претпазливост и соработка од граѓаните, со цел спречување на нови пожари и заштита на природните ресурси и населените места.

Поврзани содржини